• недела, 22 декември 2024

Средба на министерот Муртезани со црногорскиот амбасадор Миљаниќ

Средба на министерот Муртезани со црногорскиот амбасадор Миљаниќ

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска имал средба со новименуваниот амбасадор на Црна Гора во Северна Македнија, Зоран Миљаниќ, на која било нагласено цврстото билатерално партнерство и сојузништво, особено во однос на европскиот пат на двете земји.

Како што соопштија од Министерството за европски прашања, Муртезани упатил благодарност за споделеното искуство на Црна Гора, особено при подготовката за скрининг процесот, што претставува одличен пример за размена на знаења и добри практики, а воедно и продлабочување на билатералната соработка. 

- Муртезани и Миљаниќ констатираа дека, како држави посветени на европските и евроатлантските вредности, Северна Македонија и Црна Гора продолжуваат тесно да соработуваат на билатерално ниво, одржувајќи висок политички дијалог. Тие ги нагласија постојаните контакти на високо ниво и учеството во регионалните иницијативи, кои ја рефлектираат силната и пријателска соработка меѓу двете земји, се вели во соопштението.

На средбата било потенцирано и значењето на Планот за раст на ЕК за ЗБ и Реформската агенда, кои се клучни за напредување на процесот на европската интеграција. Договорот за соработка меѓу двете земји од 2012 година бил посочен како важна рамка за повторно заживување на размената на експертиза за теми поврзани со ЕУ од заеднички интерес, вклучувајќи ја и Реформската агенда. цр/ев/

Фото:  Министерството за европски прашања

Остани поврзан