• петок, 17 април 2026

Средба на европски градоначалници во Скопје: Европскиот град на културата не е само проект, туку процес кој трае и во иднина и го поттикнува економскиот раст

Средба на европски градоначалници во Скопје: Европскиот град на културата не е само проект, туку процес кој трае и во иднина и го поттикнува економскиот раст

Скопје, 15 април 2026 (МИА) - Претставници на локалните власти од Кемниц (Германија), Горица (Италија) и Нова Горица (Словенија) денеска престојуваат во Скопје, каде што заедно со Град Скопје реализираат низа активности посветени на размена на искуства поврзани со титулата европска престолнина на културата, која Скопје ќе ја носи во 2028 година. Официјалното обраќање се одржа во „Јуроп хаус“, каде што говореа заменик-шефот на ЕУ-делегацијата, Бен Нупнау; градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски; градоначалниците на Нова Горица и на Горица - Само Турел и Родолфо Зиберна; и претставничката од Кемниц, европската престолнина на културата, Џозефин Хаге.

- Како градоначалник на град Скопје сум домаќин на тројца мои колеги. Сите имаат искуство со градови престолнини на културата, нешто што ние ќе го имаме во 2028 година. Еден од првите предизвици откога станав градоначалник пред нешто повеќе од пет месеци, беше токму овој процес, каде што имавме состојба на стагнација. Благодарение на добриот тим, Министерството за култура и поддршката на Владата и, секако, пред сè, евроамбасадорот Рокас и европската делегација, постепено ги надминавме предизвиците и веќе сме во фаза во која имаме сериозни подготовки за овие прашања. Моите колеги, кои денеска се гости во Град Скопје, ќе може искуствата да ми ги пренесат како на градоначалник, но и на целиот тим кој е вклучен во овој процес. Сите предизвици што ги имале во текот на процесите кога се одвивале во нивните градови ќе ги споделат со нас за што полесно ние да пристапиме кон сето ова - рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека со овој проект ќе има обединување како на Град Скопје така и на скопјани, а очекува и зголемување на бројот на туристи. 

- Градот е мултиетнички и единствен начин сите да ги обединиме е или преку културата или преку спортот. Ова е вистинска можност преку културата да го обединиме целиот народ овде во Скопје. Од една страна, тоа е димензијата на целиот процес. Инфраструктурни проекти што ги планираме во рамките на процесот се реконструкција на Калето, бидејќи најголем дел од настаните ќе се одржуваат таму, Старата скопска чаршија, која вчера, благодарение на поддршката на Министерството за култура, почна да се реконструира, акведуктот, место кое е вистински симбол на градот Скопје, а е реткост во Европа, таков споменик да имаме ние. Тој ќе биде претворен во летна сцена, летна арена, која ќе биде примамлива и за скопјани и за луѓето од земјата, но и за луѓето од Европа да може да го посетат - истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека еден од најкапиталните објекти во градот Скопје ќе биде Старата пошта, за која, како што рече, се во постапка со Владата да ја преземат и во план е таа да се претвори во младински хаб, но и симбол на Скопје - град престолнина на културата.

- Ако направиме паралела како Скопје изгледаше минатата година во ова време, ќе се сетите дека личеше на џунгла. Од една страна, не беше одржувано, кејот беше во катастрофално лоша состојба. Денес сликата не е таква. Денес е гордост за сите скопјани. Денеска имав можност од мостот „Кале“ да им го презентирам кејот на моите гости и навистина преубаво изгледа. Да, имаме одредени тешкотии сè уште во некои од јавните претпријатија, но дали е подобрено - сериозно е подобрена сликата - посочи тој.

Ѓорѓиевски потсети дека веќе во фаза на евалуација е постапката за набавка на 100 автобуси за Скопје и 50 за внатрешноста на земјата, како и 40 нови камиони за комуналната хигиена. 

- Градот е стабилизиран, не должиме веќе никому ништо. На сметката на Град Скопје постојано имаме од четири до шест милиони евра. Капиталните проекти, кои беа закочени со години - еден од тие беше Момин Поток, веќе објавив во медиумите, но и на седница на Советот, имотно-правните односи ни се целосно решени таму и интензитетот на градба е сериозно зголемен. Наредната недела ќе имаме продолжување на градежните активности, конечно да го довршиме булеварот Борис Трајковски во Кисела Вода, повеќедецениски проблем за граѓаните. Неделата по тоа, веќе се подготвуваме за „Љубљанска“, мостот, но и многу други проекти - рече тој.

Во однос на културата, Ѓорѓиевски истакна дека општествено одговорни компании помагаат изминатиов период споменувајќи дека еден од тие проекти е осветлението на Камениот мост за што обезбедиле средства преку турската асоцијација МАТТО.

- Дваесетина години знаете дека не е осветлен онака како што треба, а е еден од главните симболи на главниот град. Исто така, општествено одговорни компании ќе се вклучат во процесот на реконструкција на скопското Кале. Сакам да истакнам, ексклузивно, дека преку МАТТО се обезбедува проектот за градското кино. Веќе сме во постапка. Имаме посебни средства од буџетот на Град Скопје. Мислам дека е распишана тендерската постапка, ако не се лажам, или ќе биде во наредните денови, за реконструкција на културни објекти. Еден од тие ќе биде и киното „Милениум“, кое се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. Тоа е добар рок ако земеме предвид дека со години не беше во функција. Знаете дека таму имаше и несоодветни услови, дури и девијантни појави - посочи тој.

Ѓорѓиевски потсети и дека Зоолошката градина исто така е во реконструкција и многу од живеалиштата се реконструираат. Нагласи дека Градот е финансиски консолидиран и оти биле вратени 50-ина милиони евра долгови за нешто повеќе од пет месеци.

Бен Нупнау во своето обраќање рече дека европските престолнини на културата носат културни, економски и стратешки придобивки не само за таа година туку и многу подоцна.

- Овие градови обично обезбедуваат средства, привлекуваат инвестиции, создаваат интерес и внимание за програмата и за градот како дестинација. Како резултат на тоа, имаат значителен раст на бројот на туристи, што секако придонесува за подобрување на репутацијата на градот. Градовите исто така успеваат да реновираат културни места, да создадат нови културни места, да им дадат поддршка на локалните уметници, а ова е исто така планот и за Скопје. Како што кажавме и претходно, сè тоа се трајни аспекти, кои го зајакнуваат културниот екосистем - рече Нупнау.

Според него, оваа значајна улога го подобрува партнерството со други европски градови, со институциите и со уметниците, па секако тоа е можност директно да се ангажираат граѓаните преку нивно учество во настаните, волонтерство и активна инволвираност.

- Секако, тоа доведува до развој на гордост и до чувство на припаѓање. Иницијативата не е само за културата - ова е стратешка алатка за трансформирање на градот, за развој на инфраструктурата и средство за поттикнување на економијата, зајакнување на идентитетот и подлабоко поврзување со Европа. Скопје ќе биде ставено на картата на европските градови на културата и ќе ужива во оваа улога, а сите инвестиции што ќе се направат во 2028 ќе се вратат во иднина - нагласи Нупнау.

Градоначалникот на Нова Горица, Само Турел, рече дека заедно со неговиот пријател, градоначалникот на Горица, Радолфо Зиберна, како први прекугранични европски престолнини на културата функционирале под слоганот „Да се биде без граници“.

- Нашиот регион навистина помина низ многу тежок 20 век. Имавме секакви видови уништувачки војни, кои поминаа низ нашите два града, низ нашите заедници, каде што границата, која беше поставена по Втората светска војна, практично ги раздели заедниците во две држави, буквално ги раздели роднините, пријателите, а во една инстанција дури и гробиштата ги пресече на половина. Така што ни мртвите немаа мир да бидат погребани на раат. Меѓутоа, и покрај сето ова, успеавме да напишеме една историја која го зема предвид сето ова минато, меѓутоа главно се фокусира на иднината - рече тој.

Истакна дека оваа програма ја искористи културата, каде што дури и разликите помеѓу јазиците не се пречка - за да ги зајакнеме луѓето, оние што пред 40 години се обидувале да соработуваат, да ги зајакнат врските преку границата, да изградат нови простори, повторно да ги изградат плоштадите, и плоштадот Европа, и во словенечкиот дел, и повторно да го изградат делот од градот кој е заеднички.

- Се обидовме да им вратиме живот на некои делови од градот кои останаа заборавени. Дел од железничката пруга беше заборавен и практично изградивме нов дел од градот, каде што можете да одите, да шетате, да слушнете јазици, како италијански, словенечки, па и германски, каде што луѓето се среќаваат за да планираат идни проекти за соработка - рече тој.

Турел рече дека тоа било една интензивна година, која споила на едно место две заедници, кои се споиле не за да го заборават минатото, туку да се фокусираат на иднината. 

- Имаме многу сличности со Скопје, многу предизвици со кои ние моравме да се соочиме и тука сме да му дадеме поддршка на Скопје, да ја понудиме нашата експертиза, да ги споделиме нашите искуства и да ви кажеме што згрешивме во Нова Горица, каде не успеавме, за вие да не морате да поминувате низ истите тешкотии. Тука сме да помогнеме. Исто така, и во иднина остануваме отворени да ги зајакнеме нашите врски, можеби и да подискутираме за некои културни размени. Штом еднаш ќе станете европски град на културата, засекогаш останувате такви - рече Турел.

Тој им порача на властите на Скопје да се обидат да планираат што ќе остане по 2028 година бидејќи, според него, тоа е една од поважните цели и фокус на целиот проект.

- Охрабрувам - за мене, европскиот град на културата не е само проект, не е нешто што се реализира во една година, туку е процес. И штом ќе почне тој процес, мора да трае многу, многу децении во иднина бидејќи можеме да ви кажеме од нашето искуство дека културата навистина е средство со кое се поттикнува развојот, со што се поттикнува економскиот раст. Меѓутоа, најважно од сè е тоа што ги поврзува луѓето, овозможува нови пријателства и ги зајакнува старите - заклучи Турел.

По официјалниот дел, се одржа техничка работилница на која претставниците на европските престолнини на културата за 2025 година ги споделија своите искуства и добри практики со организацискиот тим на „Скопје 2028“.

Посетата ќе биде заокружена со отворањето на изложбата „Инспирација“ во Музејот на град Скопје, која содржи фотографии од европските престолнини на културата за 2025 година. Изложбата ќе биде отворена за јавноста, бесплатно, од 15 до 26 април годинава. нд/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан