• сабота, 21 декември 2024

Средба на Грковска со средношколци од Валандово во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“

Средба на Грковска со средношколци од Валандово во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“, наменета за јакнење на свеста на младите за важноста на принципите интегритет, чесност и одговорност, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со средношколци од СОУ „Гоце Делчев” во Валандово.

Како што информираат од Влада, Грковска и младите соговорници разговарале за овие теми во неформална атмосфера и се осврнале на примери од секојдневието, кои ја отсликуваат важноста на овие начела на однесување во градењето подобар систем и подобро општество за сите.

Таа истакнала дека во фокусот на оваа кампања се младите, зашто целта е тие да добијат гласност во општеството, да се зголеми нивниот интерес за општествените текови и тие да бидат активни чинители во градење општество поотпорно на корупција.

Во разговорот, вицепремиерката Грковска се осврнала на значењето на личниот пример, истакнувајќи дека политичарите преку својата работа и однесување треба да покажуваат за тоа како треба одговорно, професионално и со интегритет да се извршува функцијата во интерес на сите граѓани и потоа тој пример да се пренесува во сите области на општеството.

-Со оглед дека во  СОУ „Гоце Делчев“, покрај гимназиското се реализираат наставни планови и за дуално образование, по средбата со учениците, Грковска беше во обиколка на капацитетите за образовно-работна практика на училиштето, кои ја сочинуваат училишната економија на оваа образовна установа, се наведува во соопштението. свс/нд/

Фото: Влада

Остани поврзан