• сабота, 06 декември 2025

Средба на Генералната секретарка на Собранието Марина Димовска со генералниот секретар на Долниот Дом на Британскиот парламент Том Голдсмит

Средба на Генералната секретарка на Собранието Марина Димовска со генералниот секретар на Долниот Дом на Британскиот парламент Том Голдсмит

27 февруари 2025

Во рамките на официјалната посета на Обединетото Кралство на собраниската делегација, генералната секретарка на Собранието Марина Димовска, оствари средба со генералниот секретар на Долниот Дом на Британскиот парламент, Том Голдсмит.

Димовска предложи соработка помеѓу парламентарните служби, со посебен акцент на размена на искуства и добри практики, како и организирање студиски посети за собраниските службеници во одредени области, според интересите на двете страни со јасно утврдена динамика за нивно реализирање.

Средбата беше во насока на размената на искуства и добри практики кои овозможуваат поголема транспарентност во работата на парламентите. Унапредувањето на транспарентноста на Собранието преку современи технологии и платформи, кои ќе им овозможат на граѓаните да бидат поактивно вклучени во процесите на донесување закони, е од големо значење, истакна Димовска.

Надзорната улога на Британскиот парламент како механизам за контрола и отчетност беше една од темите на разговор, при што се нагласи важноста од зајакнувањето на надзорната улога на Собранието.

Моделот на британското парламентарно работење е пример и основа за многу парламенти ширум светот во градењето на силни капацитети на собраниската администрација, со оглед на усовршената парламентарна практика која овозможува квалитетно извршување на работните задачи на службениците.

Соговорниците споделија размислувања за искористување на потенцијалите на поблиска соработка меѓу двата парламента на ниво на служби, во рамки на програми кои ги нуди Британскиот парламент и согласно интересите на Собранието, како и преку проекти на Вестминстер фондацијата за демократија.

Собрание на Република Северна Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан