Средба на вицепремиерот Димитров со португалската амбасадорка Да Силва Пина
- Во пресрет на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург под португалско претседателство, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров
Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) - Во пресрет на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург под португалско претседателство, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров оствари средба со амбасадорката на Португалија за земјава со седиште во Белград, Марија Вирџинија Мендес да Силва Пина.
Како што соопшти Секретаријат за европски прашања, на средбата било дискутирано за активниот ангажман на португалското претседателство за отстранување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија, при што вицепремиерот Димитров изрази благодарност за улогата на Португалија како искрен посредник во однос на европската перспектива на нашата држава.
- Португалското претседателство навистина го одржа ветувањето дека во рамките на надлежностите и своите можности ќе направат сè што е во нивна моќ за да се динамизира европското досие на Северна Македонија. Португалскиот предлог е добра појдовна основа за решение, но и силен поттик за продолжување на реформскиот процес и инкорпорирање на европските вредности дома, изјави Димитров, додавајќи дека посредничката мисија предводена од нашите португалски пријатели е многу важна и за зајакнување на кредибилитетот на Европската Унија и поместување на позициите во однос на процесот на проширување.
Како што стои во соопштението, соговорниците разменија ставови за актуелните предизвици со кои се соочува Европската Унија и регионот, а кои беа дел од агендата на португалското претседателство и исполнувањето на приоритетите од агендата, како и перспективите за време на следното претседателство, кое Словенија го презема од 1 јули. цр/сп/