• понеделник, 23 декември 2024

Средба на вицепремиерката Грковска со претставници од Американската стопанска комора

Средба на вицепремиерката Грковска со претставници од Американската стопанска комора
Скопје, 4 август 2022 (МИА) - Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше работна средба со делегација на Американската стопанска комора (АмЧам), на која разговараа за продлабочување на меѓусебната соработка, особено во делот на процесот на дигитална трансформација на општеството.
Во составот на делегацијата од АмЧам беа: Јелена Арсовска, извршен директор, Андреј Петрески, претседател на Комитетот за дигитална трансформација, Гоце Митевски и Димитар Јаневски, членови на Комитетот и Јордан Димитровски, член на Одборот на директори на АмЧам.
 Како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерката Грковска информираше за тековните проекти поврзани со дигиталната трансформација на општеството кои се спроведуваат во нашата држава, како и проектите што треба да се реализираат со цел да се обезбеди оптимизација на процесите и нивно дигитализирање. Нагласи дека многу е важно да се направи и стандардизација на процесите за да се овозможи ефикасен и координиран пристап кој ќе даде брзи резултати.
 - На средбата, како приоритети при процесот на дигитална трансформација беа истакнати сајбер-безбедноста, стандардизација на процесите за дигиталната размена на документите меѓу институциите, закон за архивско работење со кој ќе се стандардизираат процесите за архивирање на дигиталните документи, а посебен акцент беше ставен и на ИКТ-инженерите и изнаоѓање соодветен модел кој ќе овозможи нивно задржување во системот. Претставниците на Американската стопанска комора изразија подготвеност за соработка и оценија дека дигиталната трансформација на општеството е многу важна за нашата држава и затоа е потребно да се има структуриран пристап, кој ќе биде координиран од Владата на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.
На состанокот беше заклучено дека поддршката во процесот на дигитална трансформација на општеството е особено значајна, посебно во делот на јакнење на капацитетите на институциите и во таа насока беше договорено да има тесна меѓусебна соработка со цел размена на идеи и искуства. хс/сп/

Остани поврзан