Средба МЕП Муртезани со директорката на УНОПС Телатин
- Муртезани и Телатин истакнале дека во изминатиот период бил обезбеден континуитет на проектните активности, дека успешно се адресирале предизвиците и дека била дадена потребната стручна насока за процесот.

Скопје, 4 март 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска остварил средба со Микела Телатин, директорка на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги – УНОПС во Србија (Multi-Country Office), на која што беше потврдена долгогодишната успешна соработка во рамките на проектите поддржани од Шведска преку Шведската агенција за меѓународен развој (SIDA) и Швајцарија преку Швајцарската агенција за развојна соработка (SDC).
Како што соопшти МЕП, Муртезани изразил задоволство од долгогодишната соработка со УНОПС, особено со канцеларијата во Скопје, со која што веќе шест години заеднички работат на унапредување на европскиот реформски процес на Северна Македонија.
Тој нагласил дека успешното завршување на првата фаза од проектот „Поддршката на Северна Македонија за пристапувањето во ЕУ“, претставува силна основа за натамошни активности, а МЕП останува посветен на неговата доследна имплементација.
Муртезани и Телатин истакнале дека во изминатиот период бил обезбеден континуитет на проектните активности, дека успешно се адресирале предизвиците и дека била дадена потребната стручна насока за процесот.
Дополнително, се додава во соопштението, била нагласена поддршката во повеќе клучни области, како што се подготовката на Националната верзија на ЕУ acquis преку превод и правна ревизија, подготовка на Насоки за интегрирање на антикорупциските стандарди во различни поглавја од acquis-то, зајакнување на капацитетите на медиумите, организација на настани за подигнување на јавната свест за процесот на ЕУ интеграција и Реформската агенда 2024 – 2027, експертска поддршка и јакнење на административните капацитети. нд/ац/
Фото: МЕП