• понеделник, 23 декември 2024

Средба Ковачевски-Мишел во Блед:  Да се искористи оваа неповторлива шанса за продолжување на европскиот пат

Средба Ковачевски-Мишел во Блед:  Да се искористи оваа неповторлива шанса за продолжување на европскиот пат

Блед, 27 август 2023 (МИА) – Посветеноста и поддршката на Европската Унија во процесот на евроинтеграции на Северна Македонија е исклучително важна во дадениот момент, за што е јасно упатена пораката од страна на ЕУ, за важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени, за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата, било истакнато на вечерашната билатерална средба на премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Блед. 

-Двајцата соговорници  се согласија дека уставните измени претставуваат единствена и неповтролива шанса за напредокот и просперитетот на Северна Македонија во рамки на ЕУ. Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, а особено во делот на економски развој како на земјата, така и на регионот, соопшти владината прес-служба. 

Како што јави известувачот на МИА од Блед, на средбата исто така било потенцирано дека посветеноста и забрзувањето на реформските е клучно за зголемена поддршка од ЕУ во однос на претпристапните средства за земјите од Западен Балкан.

Средбата Ковачевски - Мишел се одржа во рамки на посетата на Република Словенија, каде премиерот учествува на Бледскиот стратешки форум.

 На средбата на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, се разговараше за актуелните политички случувања во Северна Македонија, во фокус на, како што се посочува,  успешното отпочнување на процесот на уставните промени во Собранието.

Пред средбата со претседателот на Европскиот совет, премиерот Ковачевски вечерва присуствуваше на работна вечера во организација на словенечкиот премиер Роберт Голоб.

Лидерите ја искористија можноста за дискусија врзана со европската интеграција на земјите од Западен Балкан како и напредокот на реформските процеси што се смета за најдобра инвестиција за земјите од регионот. 

На работната вечера покрај премиерот Ковачевски учествуваа  претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и премиерите на Албанија Еди Рама, на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Бугарија Николај Денков, на Косово Албин Курти, на Србија Ана Брнабиќ, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Словенија Тања Фајон.

Премиерот Ковачевски, Маричиќ и Османи се дел од говорниците на Бледскиот стратешки форум што официјално започнува утре. Ковачевски ќе има обраќање на лидерскиот панел, а потоа се очекува да има билатерални средби со специјалните претставници за Западен Балкан на ЕУ Мирослав Лајчак и на Обединетото Кралство сер Стјуарт Пич, како и други. ев/лв/

ФОТО: Влада 

Остани поврзан