• вторник, 05 ноември 2024

АЦВ подготви 11 задолжителни мерки за М-НАВ, прекршочни платни налози за фирма и лица

АЦВ подготви 11 задолжителни  мерки за М-НАВ, прекршочни платни налози за фирма и лица

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) –  Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) го подготви прелиминалниот извештај од вонредниот надзор по инцидентот во националниот оператор за воздухопловна навигација во делот на обезбедувањето. Изготвен е конечен записник, врз основа на кој од 14 утврдени наоди изготвено е решение со наредба за преземање 11 задолжителни  мерки и активности со различен рок на реализација, што ќе биде дефиниран во корективен план што заедно ќе го изготват овластените инспектори во АЦВ со одговорните во М-НАВ, информира за МИА директорот на АЦВ Томислав Тунтев.

Има и прекршочни платни налози затоа што, како што вели, на утврдена конкретна одговорност изрекле и санкции кон фирма и лица.

Откако ќе се договори оперативниот план, АЦВ ќе почне со постојан надзор на реализацијата на  активностите. 

За делот од безбедноста очекуваат М-НАВ да им  достави прелиминарен  извештај во текот на неделава за да се комплетира  со записник  извештајот на АЦВ. Ако има основи и потреба, како што вели Тунтев, врз основа на записникот ќе се изготви решение со наредба за преземање одредени мерки. По завршување на ова, ќе биде изготвен посебен извештај што ќе биде доставен до Владата која  претходно побара да биде информирана од АЦВ. 

За разлика од делот за безбедноста, во делот  на обезбедувањето констатирани се сериозни прекршувања и непочитувања на законски одредби и на подзаконски акти.

Во разговор за МИА, Тунтев вели дека конкретно, не се почитувани процедурите за обезбедување во М-НАВ, не е почитувана нивната програма за обезбедување, не се почитувани одредбите на Националната програма за обезбедување на воздушниот сообраќај и одредени одредби од Законот за воздухопловство. 

- Вонредната инспекција исто така покажа дека М-НАВ си ги има изготвено и во функција и се сите неопходни документи, но во случајов се работи за прекршување на процедурите што се дефинирани. Некој своеволно си зел за право да не ги почитува процедурите, туку  да работи според сопствено убедување. Тоа довело до неовластено или незаконско влегување на лица во службени простории, но не во оперативната сала каде се остварува комуникација помеѓу авионите и контролорите. И заради низа други пропусти кои веројатно се толерирале подолг период во самиот објект, како на пример да не се држи затворена одредена врата што требало да им биде затворена а д а им биде покомотно. Еден сплет на околности кои довеле до  повреда на безбедносните процедури од аспект на физичко обезбедување  на објектот, истакнува Тунтев.

Недостатоците што ги утврдиле  овластените инспектори во делот на обезбедувањето, како што вели, се резултат на континуирано непридржување  кон пропишани процедури за обезбедување. 

-Врз основа на записникот овластениот инспектор издаде решение со наредба, утврдени се 14 наоди и од нив изречени се 11 задолжителни мерки кои ќе бидат предмет на корективен план на активности. Корективниот акциски план се подготвува во соработка со М-НАВ затоа што тие треба да се изјаснат во однос на 11. задолжителни мерки кога и на кој начин можат да бидат реализирани. Дел од нив се со рок веднаш, некои со 15 дена, некои 90 дена, некои според рок кој дополнително ќе биде утврден во заедничка комуникација. Освен 11. задолжителни мерки ќе има три препораки до кои инсистираме да се држат, а ќе има и оперативна директива за одредени активности што сега не се дел ниту од Националната програма за обезбедување, ниту од законот, а не можеме да чекаме да ги смениме, вели Тунтев.  

Целта на овие мерки, истакнува, е е да се спречи, односно да се превенира повторување на ваков настан. 

Една од опциите, како што вели, е во догледно време да е набават металдетекторска врата и рендген уред за да има контрола на сите кои влегуваат. Интенцијата е нивото на обезбедување при влегување во објектот  на М-НАВ да се подигне приближно до нивото  на обезбедување што го има аеродромскиот оператор за сите кои влегуваат во внатрешноста на аеродромот. 

АЦВ предложила и мерки за дополнителна обука на персоналот од аутсорсинг агенцијата кој работи на физичкото обезбедување.  - Исто така и да си ја повратат сопствената служба, да си ангажираат нови луѓе, да ги обучат, ние ќе ги сертифицираме затоа што обезбедувањето од акти на незаконски дејства во М-НАВ е дел од процесот на сертификација што го спроведуваме кај нив. Доколку М-НАВ покаже волја, способност да ги реализира  тие активности и во догледен период  дефиниран со  корективен план на активности ги преземе и ни докаже дека се спроведуваат, тогаш сме ја постигнале целта. Доколку се покажаме дека не е така, крајно е дека можеме да го одземеме сертификатот што се однесува на дејноста обезбедување, да прогласуме дека М-НАВ со сите инсталации  и уреди и во Скопје и во Охрид се наоѓа во „ерсајд“  и дека секој кој  сака да влезе во тие објекти ќе си помине на службен влез преку обезбедувањето на  аеродромскиот оператор. Не верувам дека ќе дојде до тоа, истакнува директорот на АЦВ.

Посочува дека досега М-НАВ секогаш ги прифаќале нивните сугестии, а мерките кои се од задолжителен карактер мора да ги извршат бидејќи, како што истакнува, има и прекршочни платни налози затоа што на утврдена конкретна одговорност изрекле и санкции кон фирма и лица. 

Директорот на АЦВ посочува дека е жално е што службата за обезбедување во М-НАВ имала трансформација и е ангажиран аутсорсинг,  кој вели дека е по пропис.  - Ги доставија сите неоходни документи дека имаат неопходна обука, важечи договор меѓу себе, дека ќе вршат физичко обезбедување на првата рампа каде што влегуваат возилата а дека на втората вече си стои обезедување од самата фирма. Но од 15-16 луѓе таа служба се свела на двајца или тројца,  но ние не можеме да решаваме меѓучовечки односи и интереси во М-НАВ туку надзор во наши надлежности, вели директорот на АЦВ.

Го повтори ставот дека последици по безбедноста во случајот нема и биле повредени процедури во делот на физичкото обезбедување кои можеле да предизвикаат сериозни последици и затоа треба да се работи во иднина да не се случат.  Во 16 –те минути додека траел инцидентот, од 14.53 до 16.09 часот, посочува, не е евидентиран ниту една пријава на настан ниту од страна на пилот, контролор, аеродромски персонал или кој било воздухипловен пресонал. Ниту еден од воздухопловите без оглед каде се наоѓа, ниту за време на случувањето на инцидентот, ниту после тоа не останале без стандардната навигациска услуга што ги дава М-НАВ на авионите во лет. 

Постоела, како што дополнува, опасност да се случи нешто бидејќи секое прекршување на процедурите од аспект на обезбедување сигурно дека го зголемува ризикот од настанување на несакани безбедносни последици, но фактите велат дека во овој случај при овој настан немало такви последици. - Го осудувам овој настан и до него не смеело да дојде, порачува Тунтев. 

Тој ги оценува како многу неодговорни изјавите во изминатиот период дека била загрозена безбедноста и ги препишува на предизборниот период и тврди дека 

-Немаме цел и задача некого да криеме или да прогласиме за виновен или не, за тоа има други  органи. Ние констатираме ситуација, гледаме што се случило од аспект на меѓународната и домашната легислатива, кои се причините и последиците и врз основа на тоа издаваме наши решенија, препораки, санкции.., укажува директорот на АЦВ. 

Инцидентот во М-НАВ со упад во објектот и напад на вработени на 4 јануари, повлече промени во раководството. Надзорниот одбор на М-НАВ  го прифати предлогот на Владата за именување на Хекуран Асани и Милан Кораќ за директори во компанијата на местото на досегашните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски и промената треба да се официјализира со впишување од Централниот регистар. 

По владината одлука за промени во раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), кој во изминатиот период реагираше за работењето на актуелното раководство на М-НАВ и спроведувањето на огласите за  вработување, ја стави во мирување одлуката за генерален штрајк. 

За упадот во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. 

 Надзор во М-НАВ врши и Државниот инспекторат за труд (ДИТ), исто така по препорака на Владата. Првичниот надозр е проширен по претставки на кандидати кои се јавиле на последните огласи за вработување и имаат и анонимна претставка за синдикатот.лв/са/

Фото: МИА

 

 

 

 

 

Остани поврзан