• четврток, 26 декември 2024

Србија урива рекорди во туризмот и преку проектот „Вински патишта на Отворен Балкан“

Србија урива рекорди во туризмот и преку проектот „Вински патишта на Отворен Балкан“
Белград, 27 септември 2022 (МИА) - Министерката за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ по повод Светскиот ден на туризмот соопшти дека туризмот во Србија ги урива сите рекорди, дека од почетокот на годината Србија ја посетиле три милиони туристи, од кои над еден милион и 300 илјади се странски, а дека бројот на пристигнувања на туристи е зголемен за 48,1 отсто во однос на истиот период лани, јави дописникот на МИА од Белград. Таа посочи дека одржувањето на првиот меѓународен саем за вино „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, како и определбата на Република Србија, Република Албанија и Република Северна Македонија за проектот „Вински патишта на Отворен Балкан“, ја покажува експанзијата на туризмот и разбирање на неговата економска моќ, а дополнителни потврди и охрабрувања се покажале и на 6. Глобална конференција на Светската туристичка организација за вински туризам, во италијанскиот град Алба. - Одличните природни услови за лозарство, богатата историја, културното наследство и народното искуство, како и потенцијалот на планинскиот и бањскиот туризам даваат можност за креирање на нови и за развој на постоечките туристички производи. Ги прошируваме познатите и градиме нови патеки на туризмот кои ќе нè доведат до уште поголеми успеси, кажа министерката Матиќ, се наведува во соопштението од нејзиното министерство. Во 1979 година, Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO) го востанови 27 септември како Светски ден на туризмот, со цел и порака дека е неопходно да се развие свеста на меѓународната заедница за важноста на туризмот и неговиот културен, социјален, економски и политичките вредности. Светскиот ден на туризмот оваа година се одбележува под слоганот „Преиспитување на туризмот“. об/ми/

Остани поврзан