• петок, 22 ноември 2024

Србија со вербален протест до амбасадорот на Австралија за однесувањето кон Новак Ѓоковиќ

Србија со вербален протест до амбасадорот на Австралија за однесувањето кон Новак Ѓоковиќ
Белград, 6 јануари 2022 (МИА) – На амбасадорот на Австралија во Србија, Даниел Емери, во Министерството за надворешни работи на Србија му е искажан вербален протест поради несоодветниот третман во Мелбурн кон најдобриот светски тенисер и државјанин на Србија, Новак Ѓоковиќ, јави дописникот на МИА од Белград. Државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Србија, Немања Старовиќ, изрази очекување дека амбасадорот Емери ќе вложи лични напори за да му овозможи на Ѓоковиќ да сочека судска одлука дали може да престојува во Австралија во сместување што е соодветно за спортист од негов ранг. -Србија не сака на кој било начин да влијае на претстојната одлука на австралиското правосудство, но очекува извршните власти на таа земја, во духот на добрите билатерални односи меѓу Австралија и Србија, а во согласност со нивните надлежности, да му дозволи на Ѓоковиќ да го помине Божиќ во подобро сместување, се наведува во соопштението на срското МНР. Старовиќ нагласи дека српската јавност има силен впечаток дека Ѓоковиќ е жртва на политичката игра против негова волја и дека бил намамен да отпатува во Австралија за да биде понижен. Државниот секретар Старовиќ истакна дека Новак Ѓоковиќ не е криминалец, терорист или илегален мигрант, но дека така бил третиран од страна австралиските власти, што предизвикува разбирливо негодување кај неговите фанови и граѓаните на Србија. Министерството за надворешни работи на Србија вчера упати писмена нота до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија по повод спречувањето на Новак Ѓоковиќ да влезе во земјата. об/сд/

Остани поврзан