• петок, 08 ноември 2024

Србија повторно единствена во регионот која не се усогласи со мерките на Советот на ЕУ поради Украина

Србија повторно единствена во регионот која не се усогласи со мерките на Советот на ЕУ поради Украина

Белград, 27 април 2023 (МИА) - Србија повторно е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан која не се усогласи со новите одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради акции кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на 13 април, Советот на ЕУ ја усвои Одлуката (ЦФБП) 2023/7561, со која се проширува списокот на лица, ентитети и тела на кои се применуваат рестриктивните мерки усвоени во 2014 година.

Со новите мерки на Советот на ЕУ се усогласија сите други земји кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан - Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

- Тие ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа одлука, а ЕУ ја забележува оваа посветеност и ја поздравува, се наведува во извештајот.

Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ на Западен Балкан која не ги почитуваше претходните 16 одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради Украина, кои беа усвоени во јануари, февруари и март годинава и во јули, септември и ноември 2022 година.

Србија не се усогласи и со одлуките на Советот на ЕУ во февруари и март за рестриктивни мерки поради сериозни прекршувања на човековите права, како и со февруарската одлука за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Белорусија и нејзиното учество во руската агресија врз Украина.

Србија не се усогласи и со одлуките за примена на посебни мерки во борбата против тероризмот од февруари 2023 и јули 2022 година, февруарските одлуки на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Мали, ниту со одлуките за рестриктивни мерки поради ситуацијата во Иран усвоена во февруари и март оваа година и јуни и декември 2022 година. об/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан