• сабота, 23 ноември 2024

Спроведено истражување за изработка на студија за одржување на фреските во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

Спроведено истражување за изработка на студија за одржување на фреските во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново
Скопје, 3 мај 2022 (МИА)Стручниот персонал од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици (ЕЦВПС) со седиште во Солун од 26 до 29 април спроведе истражување во црквата „Св. Ѓорѓи” во Курбиново, со цел да се изработи студија за одржување на фреските зачувани на неговата внатрешност и надворешност, соопштија денеска од Амбасада на Грција во Скопје. - Овој храм претставува еден од најзначајните споменици од византиска Македонија, во којшто е сочувана една од врвните збирки на сликарство од времето на Комнените, се наведува во соопштението.

Инаку, во јуни минатата година, Министерството за култура потпиша Меморандум за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици за одржување на фреските во овој многу значаен споменик.

По потпишувањето следеа теренски истражувања направени од страна на конзерваторскиот тим од Центарот, а неодамна надлежните служби од Министерството за култура ја одобрија и изработката на релевантната студија, којашто опфаќа земање примероци од боите, правење слики со помош на мултиспектрални камери, земање примероци со помош на УВ-зрачење, колориметрија, стереомикроскопски анализи, како и фотографирање со тангентно осветлување.

Изминативе денови, како што посочија од Грчката амбасада, тимот на конзерватори од Центарот на чело со директорката Флора Карајани и во состав Електра Карајаниду, одговорна за студијата, Астериос Апостолидис, Алексиос Папапелеканос и Александрос Константас, со помош на вработените во Заводот за заштита на спомениците и музеј – Битола - Оливера Макриевска, Јовица Богоев, Славе Стојанов и Крсте Кочов, под раководство на Мери Стојанова, изврши истражни работи на самото место на споменикот, користејќи специјализирана и технолошки најсовремена опрема, којашто беше транспортирана од Грција.

- Целта е да се комплетираат најдобрата можна документација на ова автентично сликарство, идентификацијата и верификувањето на можните натсликувања и на сите зафати што биле претрпени низ вековите, евиденцијата на нивната состојба, како и предложените зафати за нивното одржување. Студијата се очекува да биде завршена до следниот јули, а потоа да биде доставена на одобрување до надлежните органи на Министерството за култура на Северна Македонија, по што ЕЦВПС ќе продолжи со извршување на работите за одржување на фреските за сметка на грчкото Министерство за култура и спорт, се наведува во соопштението на Амбасадата на Грција во земјава. бт/сп/

Остани поврзан