• понеделник, 23 декември 2024

Спроведена обука во рамки на проектот „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“

Спроведена обука во рамки на проектот „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) - Проблематиката на насилниот екстремизам и тероризам како прилично сензитивна, сега веќе глобална, а не само национална закана, дополнително бара мултиплицирање на институционалните напори и потенцијали во квалитетно спротивставување, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“ на завршната показна вежба од едномесечната обука на припадниците на Специјалната единица „Тигар“, во рамки на проектот „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“. Во своето обраќање по повод вежбата, министерот Спасовски потенцираше дека со помош и поддршка на Европската Унија, Министерството за внатрешни работи постојано работи на севкупното институционално зајакнување на сите организациони сегменти подеднакво, со цел овозможување на структуирана полиција која што ќе биде во служба на безбедноста и сигурноста на граѓаните и на општеството, истовремено препозната како кредибилен и важен фактор во билатералните или мултлатералните полициски активности. - Навистина ме радува фактот што нашата полиција и натаму ужива огромна поддршка и кредибилитет кај нашите пријатели од ЕУ, исто како што радува фактот дека од наша страна правиме извонредни напори таквата позиција да биде заслужена и задржана. Бездруго оваа обука, односно импактот од неа, дополнително ќе значи натамошно професионално-оперативно профилирање и надградување на полициските службеници, дотолку повеќе што станува збор за една од најчувствителните безбедносни проблематики - насилниот екстремизам и тероризам, нагласи министерот Спасовски. Покрај раководството на МВР, на настанот присуствуваа и амбасадорот на Италија во земјава Андреа Силвестри, како и претставници од Делегацијата на Европската Унија. Италијанскиот амбасадор Силвестри во оваа пригода пред присутните рече дека ова е прв проект на ЕУ за превенција и борба против насилниот екстремизам и тероризам имплементиран во Република Северна Македонија и на Балканот од страна на карабинерите. Силвестри упати благодарност до министерот Спасовски и до раководството на МВР за досегашната соработка во повеќе сфери од полициската работа и даде уверување дека и во наредниот период Владата на Италијанската Република преку Италијанската  Амбасада во земјава останува отворена за реализација на нови значајни проекти како искрен поддржувач и партнер. Раководителот на Одделението за операции во Делегацијата на ЕУ, Фрејк Јанмат пак, го потенцираше значењето на проектот, за кој рече дека вклучува активности за кои е потребен меѓуинституционален пристап, развојна стратегија со посебни методи, тактики и техники во справувањето со насилниот екстремизами тероризмот, посебно во делот на заштита  на јавните добра, критичната инфраструктура и заштитата на граѓаните. Началникот на Одделот за специјални полициски операции Бранко Трајановски и командантот на САЕ „Тигар“, Митко Даневски на припадниците на САЕ –Тигар, им ги доделија сертификатите за успешно завршената обука, министерот Оливер Спасовски на амбасадорот Силвестри му додели благодарница за поддршката и успешната соработка, а директорот на БЈБ Сашо Тасевски му додели благодарница за поддршката и успешната соработка на Масимо Пани, претставник од Делегацијата на ЕУ во земјава. Обуката ја спроведоа експерти од Специјалната единица за интервенции на италијанските карабинери. свс/сп/

Остани поврзан