Спречени обиди за шверц на лекови, забни импланти, опрема за тетовирање и златен накит
- Царинската управа спречи неколку обиди за криумчарење на повеќе од 16 илјади парчиња лекови, 116 парчиња забни импланти, опрема за тетовирање, над 12 тони овошје и зелечук и златен накит. Поднесени се кривични пријави против четири лица за кривично дело „криумчарење“.
Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Царинската управа спречи неколку обиди за криумчарење на повеќе од 16 илјади парчиња лекови, 116 парчиња забни импланти, опрема за тетовирање, над 12 тони овошје и зелечук и златен накит. Поднесени се кривични пријави против четири лица за кривично дело „криумчарење“.
Вкупно 16.051 парчиња непријавени лекови во вредност од 1,6 милиони денари се пронајдени при контрола на автобус во сопственост на туристичка агенција од Косово кој сообраќал на релација Турција - Косово. Пронајдени се 623 вијали Prolutex (за хормонска терапија и за поддршка на бременост), 15 илјади таблети Jardiance (за лекување дијабет), како и 428 парчиња раствори за инјекции што се користат за визуелизација при магнетна резонанца – 61 вијала Clariscan, 355 вијали Gadovist и 12 вијали Genburto. Дел од нив, односно 428 вијали се откриени при првична контрола во црна најлонска ќеса скриена позади седиштата, по што автобусот е спроведен до царински терминал за детална контрола, по што во фабричките шуплини на вентилацијата се пронајдени преостанатите 15.623 парчиња лекови. Против двајца осомничени од страна на Одделението за истраги е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело криумчарење, а лековите се трајно одземени.
Од друга страна на Меѓународниот аеродром Скопје, турски државјанин се обидел нелегално да внесе 116 забни импланти кои подлежат на посебни дозволи за увоз. Вредноста на имплантите се проценува околу еден милион денари.
На Меѓународниот аеродром Скопје минатата недела е откриен и обид за криумчарење на 1.463 парчиња пирсинг од титаниум и опрема за тетовирање – 32 парчиња ножици и 70 парчиња игли за тетовирање, кои подлежат на посебни дозволи за увоз од надлежна институција. Сторителот на прекршокот е државјанин на Шпанија, кој патувал со лет Стокхолм – Скопје, со крајна дестинација Кипар. Непријавената стока е запленета, а против сторителот е поведена прекршочна постапка.
На граничниот премин Богородица спречен е обид за шверц на 12,5 тони овошје и зелечнук во вкупна вредност од 1,4 милиони денари. При контрола на стоката во транзитна постапка, пронајдени се 750 кг ананас, над три тони авокадо, 2,5 тони лута пиперка, 600 кг брокула, 2,3 тони јагоди, 3,3 тони киви и 40 кг печурки кои не биле пријавени со царинската декларација.
На Богородица спречен е и обид за криумчарење на златен накит со вредност од 581.900 денари, за којшто сторителот се обидел да избегне плаќање давачки во износ од 207.738 денари. бак/вј/
Фото: Царинска управа