Спортската сала „Македонија“ во Ростуше ќе се санира и ќе добие нов изглед и функционалност
- Повереникот за надлежности на градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, и претставникот на градежната компанија „АДИТА Констракшн“, Абдија Асани, официјално го потпишаа договорот за јавна набавка за изведување на работи за санација и рехабилитација на овој објект.
Дебар, 29 декември 2025 (МИА) - Спортската сала „Македонија“ во Ростуше конечно ќе биде обновена и ставена во функција на спортистите и младите, информираа од општина Маврово и Ростуше.
Повереникот за надлежности на градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, и претставникот на градежната компанија „АДИТА Констракшн“, Абдија Асани, официјално го потпишаа договорот за јавна набавка за изведување на работи за санација и рехабилитација на овој објект.
-Оваа инвестиција доаѓа во клучен момент, по период од речиси една деценија во кој во салата не беше вложен ниту денар, со што објектот беше оставен сам на себе и на пропаст. Вкупната вредност за реализација на овој зафат е обезбедена преку заедничко партнерство и тоа 4.126.315 денари од Владата преку Министерството за спорт и 1.155.365 денари од општинскиот буџет, наведуваат од општината.

Јакупоски оценил дека ова не е само „козметичко средување, туку почеток на една поголема визија за спортот во регионот".
-Сакам да нагласам дека ова е само првиот чекор. Рехабилитацијата на салата е само еден дел од планираниот голем спортско-рекреативен центар, кој во наредниот период ќе го збогатиме со многу нови содржини и терени за рекреација на сите граѓани, изјавил тој.
Работите се очекува да започнат веднаш по новогодишните празници.вт/ар
Фото:Општина Маврово и Ростуше