Спирковски: Обвинителството предлага сведоци со „класичен конфликт на интерес“ во случајот „Онкологија 2“, очекуваме обвинетите да бидат дома пред Нова година
- Бранителот на поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, обвинет во случајот „Онкологија 2”, денеска по одржувањето на судското рочиште на кое сведочеше раководителка на одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење на Клиниката, изјави дека Обвинителството повторно предложило сведоци со, како што наведе, „класичен конфликт на интерес“, со што се нарушува законитоста на доказната постапка.
Скопје, 28 ноември 2025 (МИА) – Бранителот на поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, обвинет во случајот „Онкологија 2”, денеска по одржувањето на судското рочиште на кое сведочеше раководителка на одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење на Клиниката, изјави дека Обвинителството повторно предложило сведоци со, како што наведе, „класичен конфликт на интерес“, со што се нарушува законитоста на доказната постапка.
– Присуствувавме на уште еден чин на злоупотреба на Обвинителството со доказите во постапката. Конкретно, на предлагање сведоци кои имаат класичен конфликт на интерес. Тие не само што спроведувале вештачење од страна на директорка која претходно била работно поврзана со доктор Васев и имала потврден конфликт со него, сега повторно сведок е раководител на сметководството, чијшто сопруг работел во најголемата веледрогерија која ја снабдувала Клиниката со лекови, тоа е веледрогерија доктор Пановски, рече адвокат Боби Спирковски.
Според него, раководителката „перманентно инсистирала плаќањата за кои била задолжена да одат преку сметката на таа веледрогерија“, поради што, рече, најпрво била замолена, а потоа и разрешена од дел од работните задачи.
Спирковски наведе дека сведокот во минатото изнесувал и лични дисквалификации за неговиот клиент. – Некогаш зборувајќи најлошо за лични работи дека земал пари од пациенти, дека ги бирал пациентите, дека бил нехуман кон пациентите, значи лични согледувања, очигледно произлезени од некакви лоши емоции кон тој човек поради тоа што била прераспоредена, додаде Спирковски.
Ваквиот предлог за сведок во постапката од страна на Обвинителството, Спирковски го оцени како незаконит, бидејќи има конфликт на интерес и е исклучиво на штета на обвинетите.
– Раководителката денеска сведочи за злоупотреба на службена положба, за економски интерес и криминал. Мислам, ваквиот начин, ваквиот пристап на Обвинителството, да предлага сведоци и докази кои се исклучиво на штета на обвинетите, е незаконит.
Во однос на постапката за притвор, Спирковски рече дека бранителскиот тим сè уште е во фаза на подготовка на жалбата.
– Сѐ уште сме во фаза на жалба, жалбата не е поднесена. Сега ќе одам да го примам решението и официјално да поднесеме жалба … Мислам дека жалбата треба да биде уважена, дефинитивно, бидејќи располагаме со нови докази на наша страна, кои досега воопшто не биле ценети во таа постапка за притворот, рече Спирковски.
Според него, постои основа да се очекува дека обвинетите би можеле да се вратат дома до крајот на годината. – Се надевам дека обвинетите пред Нова година, конечно, ќе бидат дома, подвлече Спирковски.
На денешното рочиште на прашања на Обвинителството кои се однесуваа за финансиското работење на Клиниката за периодот од 2018 до 2022 година, сведочеше раководителката на Одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење на Клиниката која рече дека при крајот на 2019 година ѝ биле одземени ингиренциите. По тринеделниот ковид-карантин кој го имала, таа објасни дека дел од нејзините обврски ѝ биле пренесени на колешка без писмено решение за тоа.
Според обвинението, во периодот 2018–2022 година Васев и Нухи незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека станува збор за политички мотивиран процес.
Покрај „Онкологија 2“, во тек е и процесот „Онкологија 1“ против Васев и уште двајца лекари за несовесно лекување пациенти. ра/са/
Фото: МИА