• петок, 22 ноември 2024

Спасовски со пораки на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ

Спасовски со пораки на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ

Белград, 13 ноември 2023 (МИА) - Успешната имплементација на Договорот за автоматизирана размена на податоци e доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на 24. Состанок на Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа (КПС ЈИЕ) во Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Спасовски посочи дека се фокусирале повеќе за размената на ДНК податоци, но дека се свесни оти таа размена понатаму ќе вклучува и дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила.

-Впрочем, сите наши напори во модернизирање на службите и системите за размена имаат за цел постигнување на утврдените стандарди за размена на податоци со строго почитување на правилата за заштита на сигурноста на таквата комуникација, што пак, од друга страна ќе ја зголеми ефективноста и ефикасноста на водењето истраги во нашите служби, истакна Спасовски на Комитетото на мнистри од ЈИЕ.

Тој додаде дека добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства, надополнети со искуствата и експертизата на партнерските организации се клуч за успех во сите сфери на полициското работење.

-Како регион, воедно, заеднички се движиме и работиме на процесот на интеграција во ЕУ, што ни дава залет, олеснување и водечка рамка за надоградување во сите аспекти и слоеви на општественото живеење. Но тој процес или таа патека по која се движиме наложува и утврдува значаен број предизвици и цели кон кои што треба да се стремиме и да ги исполниме. На ова патување постојана поддршка и помош имаме не само од ЕК и нејзините агенции, туку и од нашите други меѓународни партнери за што би сакал искрено да им се заблагодарам, кажа тој.

Спасовски на министрите за внатрешни работи од ЈИЕ им посочи дека борбата против организираниот криминал е предизвик на 21. век и неговото влијание се наметнува во сите сфери на општеството.

-Од тие причини, успешното справување со овој феномен е неопходен и побарува сериозен пристап од страна на сите институции надлежни за спроведување на законот. Со оглед на фактот дека транснационалниот организиран криминал е закана која може да предизвика сериозни безбедносни импликации, борбата за сузбивање на овој феномен претставува еден од нашите главни приоритети. Свесни сме дека со спречувањето на овој модерен феномен не може да се справи секоја држава самостојно, што ја наметна потребата од еден поинаков и многу посериозен пристап. Организираниот криминал не познава граници, ниту визи, државјанство, етничка припадност, ниту пак постојат правила на делување. Затоа, само со воспоставување на правна рамка за остварување меѓународна полициска соработка, а потоа и функционални услови за спроведување на таа правна рамка може да се застане на патот на организираниот криминал, истакна министерот за внатреши работи.

Спасовски заклучи дека „како што се менува криминалниот пејзаж во Европа, така треба да се менува и да биде флексибилен полицискиот пејсаж, да бидеме меѓусебно поповрзани и кооперативни, финансиски и политички постабилни и крајната цел да биде заедничка за сите - сузбивање, односно разбивање на организираните криминални групи и криминални појави“. об/дма/

Фото:МВР

Остани поврзан