• среда, 25 декември 2024

Спасовски: Само преку жестока реакција на институциите може да се даде сериозен одговор на насилството

Спасовски: Само преку жестока реакција на институциите може да се даде сериозен одговор на насилството
Скопје, 25 февруари 2021 (МИА) – На стратешко ниво направивме многу поинаква приоритетизација  на состојбите за да можеме да дојдеме до конкретни резултати во борбата против насилството, а тоа е преку отворање на многу оперативни акции кои се насочени кон решавање на одредени проблеми кои ги имаме во општеството, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница посочи дека ќе се преземаат постојани оперативни мерки против сите групи кои, како што рече, ќе даваат резултати во намалувањето на трендот, но насилството нема целосно да се искорени, бидејќи постои во сите држави од развиениот свет. -Само преку жестока реакција на институциите може да се даде сериозен одговор на секој еден случај на насилство. Жестокиот одговор може само да ги обесхрабри. Прашање е само колку институциите ќе бидат посветени и колку ќе дадат резултат истрагите кои се прават и колку ќе се постапува по нив без разлика кој го прави насилството. Во изминатите 30 години секогаш постоеја помали или поголеми криминални групи кои биле поддржувани од политичките елити и тоа е најголемата грешка на елитите кои владееле во било кој момент, рече Спасовски. Нагласи дека поддршката на каква било криминална група или структура која се занимава со насилство на крајот се враќа  како бумеранг иако можеби на почетокот личи дека можат да помогнат во случувањата, но на крај, потенцира, сите ја плаќаат цената како општество. Прецизира дека постојат одредени криминални групи кои делуваат пред се, насилнички во Скопје како главен административен центар, но додаде дека против нив веднаш се преземаат, како што посочи, брзи, ефикасни и радикални мерки во делот на откривањето  на сторителите и изнесувањето пред лицето на правдата. -Многу настани во државата се случуваа зашто мислеа дека некој ги поддржува, ќе ги поддржи и после тоа нема да одговараат. И настанот од 27 април во Собрание се случи заради тоа што се формираше група на која и беше ветено дека ќе ги заштити некој после, но мораа да излезат пред лицето на правдата без разлика кој ги штити. Добро е да знаат дека ќе се повлече тој што им вика јас ќе те заштитам, а ти направи го тоа, рече Спасовски и потсети дека од септември лани во МВР е започната посебна оперативна акција преку која се уапсени голем дел од насилниците во државата кои долги години ги заплашуваа луѓето и веќе се изнесени пред лицето на правдата. Најави дека и понатаму МВР ќе постапува транспарентно и неселективно со цел да ги заштити граѓаните и да расте довербата во институциите на системот. вј/лв/

Остани поврзан