• сабота, 23 ноември 2024

Спасовски: Правото на самоопределување е најсилно право, никој во државата не смее да напаѓа друг од какви било побуди

Спасовски: Правото на самоопределување е најсилно право, никој во државата не смее да напаѓа друг од какви било побуди

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Не може 30 години да живеете во држава во која никој не ви префрлил ниту еден збор и не ви кажал ништо и сега одеднаш тоа да не го цените и државата да ја прикажувате како држава која не ги почитува правата, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, додавајќи дека правото на самоопределување е најсилно право.

Тој како чиста глупост ги оцени тврдењата на Христијан Пендиков дека во Охрид бил физички нападнат поради неговата бугарска национална припадност и дека Бугарите можат да бидат стрелани, а полицијата нема ништо да направи.

- Насилство не смее да има во никој случај и за ниту една причина. Во Македонија се почитуваат правата на секој граѓанин и на секој човек што се наоѓа на територијата на државата. Не ние, туку меѓународните институции ја оценија Република Северна Македонија како една од најбезбедните држави во регионот и како држава која е на 36-тото место по глобалниот индекс за мир. Тоа се е заради податоците, информациите и анализата која се прави за состојбите во државата, рече Спасовски во одговор на прашање при денешната посета на реновираната кујна на Единицата за брзо распоредување во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.

Тој порача дека државата е тука за секој граѓанин без разлика на неговото етничко потекло и дека ќе се најде во нивната заштита.

- За тоа кои биле причините за нападите одговор дава Јавното обвинителство преку истрагата. Во тој дел е добро што целиот овој случај е расчистен. Никој во државата не смее да напаѓа друг од било какви побуди дали национални, верски, политички или било какви други. Правото на самоопределување е најсилно право и ние го почитуваме тоа право. Секој може да се изјасни како сака во државата и на начин на кој тој смета дека треба да се изјасни. Но, никој нема право и нема да дозволиме да ни го негира ни нашето право на самоопределување, затоа што ние сме тие кои се чувствуваме како Македонци, како македонски народ и како граѓани на оваа држава. Ние сме тие кои сме конституенти на државата и ние одлучуваме за иднината на нашата држава и кои сме по идентитет и по јазик, а ќе го почитуваме правото на самоопределување на секој кој живее на територијата на државата или кој доаѓа во неа, рече Спасовски.

Ниту јас, ниту, пак, институцијата со која раководам, истакна министерот, нема да дозволиме никој да ни го руши тоа право на самоопределување и да ги навредува нашите граѓани. вј/сх/

 

Остани поврзан