• вторник, 19 ноември 2024

Спасовски: Ги преземаме сите мерки за достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Спасовски: Ги преземаме сите мерки за достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Скопје, 2 февруари 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уверува дека чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ќе помине во најдобар ред. Вели дека полицијата ги презема сите потребни мерки за достоинствено чествување в сабота. 

- Врз основа на проценките се преземаат мерки за да имаме настан кој ѝ доликува на државата. Очекуваме сè да помине во најдобар ред. Да, се подигнаа тензиите, се направи дополнително подгревање на состојбите и од страна на радикали во Македонија и од страна на радикали во Бугарија. Тие секогаш наоѓаат плодна почва кога имаме вакви настани за да дојдат до израз нивните ставови. Секогаш незадоволните од нешто или оние кои сакаат да злоупотребат некој настан се најгласни, но тоа не значи дека тие се мнозинство. Огромното мнозинство од граѓани во Северна Македонија посакуваат и поддржуваат да имаме достоинствена прослава на овој ден и тоа ќе се случи, рече Спасовски во централниот дневник на „Сител“.

Во црквата „Св. Спас“, како што рече, ќе им биде дозволен пристап на сите делегации кои најавиле дека сакаат да оддадат почит. Досега, нема најава за присуство на официјална делегација од Бугарија, а за тоа дали ќе им биде дозволен влез на Ангел Џамбаски и Коста Костадинов, одлуката ќе се носи, како што рече Спасовски, во вистинско време. 

Според него, на 4 февруари Северна Македонија мора да покаже национално единство. 

- Мислам дека на 4 февруари по сите подигнати тензии, Северна Македонија мора да покаже национално единство. Да покажеме дека сме едно и сплотени кога станува збор за нашите национални интереси. Ако тогаш го покажеме, нема никој кој може да нè загрози и нема сила којашто може да биде со пропаганда посилна од силата на граѓаните и на народот коишто сакаат да ги остварат стратешките цели, рече Спасовски.

Шпекулациите кои се користат за дневнополитички цели, додаде Спасовски, не се во функција на намалување на тензиите и затоа е добро да се намалат тензиите и да бидеме сите одговорни, особено политичарите и политичките партии, затоа што тие најмногу знаат да ги креваат тензиите. Ноќни стражи, чување на споменикот и на црквата апсолутно не е потребно, категоричен е Спасовски.

Ги негира обвинувањата на опозицијата дека полицијата врши притисок врз нивни членови кои биле викани во полициски станици. Вели дека се разговара превентивно со членови на навивачки групи и членови на радикални групи. 

За случајот со нападот врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, министерот рече дека од страна на македонските институции се преземени сите мерки. 

- Македонските институции реагираа соодветно - и истражните и здравствените власти ги презедоа сите мерки, подвлече Спасовски. бак/ев/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан