Спасовски на трибина по повод 30 години постоење на Македонскиот полициски синдикат
- Преку односот и начинот на остварување и ефикасност на полициските надлежности и овластување со нивната законска поставеност и заштита може да се даде одреден квалитетен суд за капацитетит
Скопје, 28 мај 2022 (МИА) - Преку односот и начинот на остварување и ефикасност на полициските надлежности и овластување со нивната законска поставеност и заштита може да се даде одреден квалитетен суд за капацитетите на едно општество да ја вреднува, негува и надградува законитоста - како еден од примарните принципи на своето функционирање, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на трибина на тема „Кривично правна и прекршочна заштита на вработените во МВР, АР, АНБ и УФП”, по повод 30 години постоење на Македонскиот полициски синдикат (МПС).
На трибината присуствуваа претседателот на МПС Марјан Кицев, претседателот на Советот на Европски полициски синдикати Рикардо Валадас, министерот за правда Никола Тупанчевски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, директорот на Управата за финансова полиција Арафат Муареми, претставници на научната јавност, на Хелсиншкиот комитет и на Здружението на млади правници.
Спасовски, како што информираат од неговиот кабинет, во своето обраќање пред присутните, порачал дека од витален интерес за едно општество е да се стреми кон што поквалитетен баланс меѓу обезбедувањето ефикасни нормативни механизми со кои граѓаните ќе се заштитат од злоупотреби и пречекорување на полициските и други овластувања, со обврската да се обезбеди иста таква заштита на полициските службеници при нивното полициско постапување во согласност со законите.
- Министерството за внатрешни работи преку законите за внатрешни работи и за полиција, како и преку Колективниот договор веќе има воспоставено одредени нормативни принципи кои се во интерес на заштита на правата на работниците во Министерството и во делот на нивна кривично-правна и прекршочна заштита. Покрај ова, родовата перспектива е интегрирана во законите, подзаконските акти и интерните акти на МВР, а новиот Колективен договор, кој стапи во сила од почетокот на оваа година, е прв колективен договор во државната управа кај нас, во кој се употребува родовиот речник и терминологија, што е уште еден показател за напорите на МВР за подигање на степенот на родова рамноправност. Во него се предвидени и низа новини, кои ги усвоивме заедно со репрезентативниот Македонски полициски синдикат, а со оглед на тоа што доаѓаат од самите полициски службеници, членови на синдикалната организација, уверен сум дека заедно со останатите мерки кои ги спроведуваме, ќе придонесат за подобрување на материјално-социјалните услови на сите вработени, нагласи Спасовски.
На крајот од своето обраќање Спасовски, се вели во соопштението, потенцирал дека реформскиот курс што ова раководство на МВР го одреди на почетокот на мандатот за динамично и сеопфатно подобрување на условите за работа, продолжува со несмалено темпо, овозможувајќи целосно сообразување со стандардите и вредностите на функционирање на модерните полиции во светот. аа/хс/