• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Над три милиони евра за изградба на ИКТ центар во Прилеп

Спасовски: Над три милиони евра за изградба на ИКТ центар во Прилеп
Скопје, 10 јуни 2020 (МИА) - Премиерот Оливер Спасовски вечерва на својот фејсбук профил соопшти дека ќе се финансира изградба на ИКТ центар за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп. Изградбата на ИКТ центарот, како што посочува, ќе биде финансирана со 3,25 милиони евра од претпристапната помош на ИПА фондовите и со 150.000 евра од Министерството за внатрешни работи како краен корисник на овој капитален објект. - Центарот ќе биде back-up (резервна база) за клучните, витални информациски системи во земјава и ќе гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и исто така ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор, пишува Спасовски. Додава дека ќе се опремува објектот за крим-техника, со современа форензичка лабораторија на МВР. - Станува збор за објект што ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, односно форензиката. Или, попластично кажано, објект што реално претставува есенција во полициско-истражителското дејствување, така што со право очекуваме, во голема мерка да се подигнат на уште повисоко ниво не само професионалните стандарди, туку и конкретните ефекти на овој дел од оперативното полициско работење, соопшти Спасовски. Во насока на севкупно подобрување на професионалните услови за работа преку правилно и планско користење на буџетот на Министерството, Спасовски информира дека биле санирани, односно делумно или целосно реконструирани 43 објекти на Министерството во сите сектори за внатрешни работи за што биле издвоени речиси 140 милиони денари, додава Спасовски на ФБ. мс/са/

Остани поврзан