• недела, 22 декември 2024

Спасовски: Засилени полициски контроли во Аеродром со цел превенција на насилство и девијантни појави

Спасовски: Засилени полициски контроли во Аеродром со цел превенција на насилство и девијантни појави

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој вечерва во скопската Општина Аеродром ги посети полициските службеници кои спроведуваат засилени активности, информираше дека од неодамна е зголемен бројот на полициските патроли во Центар, а во следниот период ќе има засилени полициски контроли и присуство на полиција во Аеродром со цел превенција на насилство и девијантни појави. 

Тој посочи дека  засилените полициски контроли се спроведуваат во целата Општина Аеродром, особено на местата кај што има поголемо собирање на граѓани, како што е ТЦ Бисер. 

-Присутноста на полицијата во заедницата, нејзина отвореност кон јавноста која води кон вистинско партнерство, со цел што поголема сигурност и спокој на граѓаните е еден од базичните принципи на работењето на МВР.  На овој начин сакаме да го сочуваме јавниот ред и мир, превентивно да делуваме пред се кон помладите граѓани и секако да ги спречиме сите можни појави коишто ќе допринесат за нарушување на јавниот ред и мир. И тоа е наша првенствена задача, изјави Спасовски. 

Потенцираше дека истото се работи и на територијата на Општина Центар, таму каде што фреквенцијата на луѓе е поголема. 

-Нашата цел е секој дел од градот Скопје да го направивме навистина безбедно место за живот. И впрочем, се она што го кажуваат меѓународни институции кои ја позиционираат државата како една од најбезбедните земји на Балканот, не само да го одржуваме, туку и да го подобриме во наредниот период, додаде Спасовски. 

Министерот информираше дека соработката со граѓаните и локалните заедници придонесува до континуирано намалување на криминалитетот во државата, кој како што рече, во овие осум месеци е намален за 11 проценти, во споредба со лани. 

-Можеби соработката помеѓу МВР и медиумите е најдобар можен начин да се покаже дека постои партнерски однос меѓу сите нас, а најмногу помеѓу граѓаните и македонската полиција, а ова допринесува да се зголемува и безбедноста, рече Спасовски. 

Прашан дали овие акции влијаат врз намалување малолетничка деликвенција, Спасовски рече дека и за овој тип на криминалитет големо влијание имаат превентивните активности кои ги преземаат. Меѓутоа, како што рече, мора и репресивно да се делува. 

-Секако дека општеството мора да има стратегија, и преку таа стратегија од најмали нозе да се работи со секој еден граѓанин на оваа држава, се со цел да го развиеме тоа чувство на припадност и допринесуваме кон зголемување на безбедноста. Секогаш постоела и ќе постои група на луѓе коишто не сакаат да ги почитуваат законските норми и тие треба да бидат санкционирани. И затоа упатувам апел до граѓаните, сите заеднички преку соработка, преку пријавување на настаните, преку повикување на средби со полицијата, преку превентивни активности, да си го направиме градот и општината, убаво место за живеење со полна безбедносна состојба, порача Спасовски. 

Тој повтори дека полицијата посветено работи на спречување на сите девијатни појави, дали станува збор за трговијата со дрога, трговија со оружје или други криминални активности. 

Спасовски посочи дека ноќни патроли ќе има секаде во градот, на секоја локација. Важно е, како што рече, полицијата да работи на терен и да допринесува безбедноста на граѓаните да биде на повисоко ниво. бт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан