• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Безбедносната состојба на територијата на СВР Охрид мирна, намален криминал, сообраќајни незгоди и прекршоци

Спасовски: Безбедносната состојба на територијата на СВР Охрид мирна, намален криминал, сообраќајни незгоди и прекршоци

Струга, 15 јуни 2023 (МИА) - Безбедносната состојба на територијата на Секторот за внатрешни работи Охрид е генерално мирна, стабилна и без елементи на нарушување. Криминалот во изминатите пет месеци е намален за 22 проценти во однос на истиот период лани, информира денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по средбата со раководството на СВР Охрид и Одделението за внатрешни работи во Струга во рамките на проектот „Отворен Кабинет”.

Во делот на тешките кражби во текот на 2023 година, посочи дека имало намалување на кривични пријави за 38 проценти.

- Класичниот криминал исто така на територијата на СВР Охрид во првите пет месеци од 2023 година бележи намалување за 20 проценти, споредбено со истиот период во 2022 година. Се бележи намалување и во делот на економскиот криминал каде што годинава имаме намалување за 38 проценти во споредба со истиот период од минатата година, изјави Спасовски.

Според него, позитивен тренд има и областа на сообраќајот каде што имало намалување на бројот на сообраќајните незгоди и сообраќајни прекршоци.

- Тоа значи дека расте јавната свест, односно почитување на законските правила прописи во делот на сообраќајот, заклучи министерот за внатрешни работи.

Посочи дека Одделот за превенција организирал низа превентивни настани, кои имаат за цел да работат во одредено подрачје коешто е интерес за граѓаните.

- Имаме 52 вакви превентивни активности реализирани на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Охрид, додаде Спасовски

Изрази уверување дека СВР Охрид и ОВР Струга ќе продолжат со интензивните активности, насочени кон стратешките приоритети коишто ги има МВР, со цел поголема ефикасност на полицикјата, а со тоа и зголемување на безбедноста на ова подрачје. сс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан