• четврток, 15 август 2024

Со средства од УНЕСКО ќе се истражува водната флора и фауна на изворите „Свети Наум“

Со средства од УНЕСКО ќе се истражува водната флора и фауна на изворите „Свети Наум“
Охрид, 26 јули 2022 (МИА) - Проектот „Извори Свети Наум – инвентаризација на биолошки карактеристики и екосистемски услуги (SN_BESI)“ ќе добие финансиска поддршка од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа и Abrdn добротворната фондација. Тој е еден од петте проекти, што ќе биде финансиран од УНЕСКО, со апликација на јавната установа Национален парк „Галичица“, а неговата реализација треба да почне од 1 август годинава. - Во рамките на проектот ќе се спроведат истражувања и попис (инвентар) на водната флора и фауна на изворите „Свети Наум“ – најнови информации согласно меѓународно прифатена методологија. Ќе се прави проценка на видовите и живеалиштата според релевантните директиви (Европските директиви за видови и живеалишта, Европската директива за инвазивни и ненативни видови итн.), ќе се развијат еколошки едукативни пакети кои ќе се користат во Свети Наум за едуцирање на различни целни групи за вредноста на самото место и биолошките, еколошките и културолошките карактеристики. Предвидено е да се направи и проценка на состојбата на екосистемите и екосистемските услуги преку интегративен метод на оценување, соопшти ЈУ НП „Галичица“. Резултати добиени од истражувањата во 10 месечниот период на реализација ќе бидат интегрирани во стратешките документи на ЈУ НП „Галичица“. - УНЕСКО ќе работи заедно со избраните локации за да обезбеди резултатите да се вклопат во приоритетните области на нивните научни програми: Програмата за човекот и биосферата (MAB), Меѓувладината хидролошка програма (IHP) и Меѓувладината океанографска комисија на УНЕСКО (IOK), стои во информацијата. Проектот на „Галичица“ е единствен за биосферен резерват и регион на природно и културно наследство на УНЕСКО, а ќе бидат финансирани и проекти во Грција, Словенија, Италија и Велика Британија. Во март 2022 година, Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа и abrdn добротворната фондација објавија три-годишно партнерство кое вклучува договор за финансирање проекти од локалитети запишани на листата на УНЕСКО (биосферни резервати, глобални геопаркови и локации на природно светско наследство). Тие ќе имаат за цел да промовираат одржливост преку истражување, образование и иновативни решенија за предизвиците на животната средина и климатските промени. сс/рп/

Остани поврзан