• петок, 22 ноември 2024

Со преработка на „We are the world“ најмладите охриѓани ги поддржаа лицата со ретки болести

Со преработка на „We are the world“ најмладите охриѓани ги поддржаа лицата со ретки болести

Струга, 22 февруари 2024 (МИА) - Со преработка на хитот „We are the world“ (Ние сме светот), децата од градинките и основните училиште во општина Охрид ја продолжија традицијата за поддршка на лицата со ретки болести во февруари, месецот посветен токму на нив.

- Со оваа изведба, децата - изведувачи испраќаат силна порака дека секој од нас треба да направи напори во рамките на своите можности и да понуди опција за поквалитетен живот на лицата со ретки болести, на нивните семејства и да се создаде опкружување во кое луѓето ќе имаат целосно разбирање за предизвиците со кои овие лица постојано се справуваат, соопшти Здружението за ретки болести од Охрид.

Според нив, децата се светлата страна на светот и иднината во која постојано треба да се инвестира најмногу труд и време сè со цел напредок на целокупното човештво и човечка заедница, како што кажува и самиот текстот на хитот.

- Со многу обоени раце, љубов, насмевки и со прекрасно испеани стихови, чистите детски души уште еднаш покажаа хуманост и поддршка и по кој знае кој пат докажаа дека сите сме исти, велат од Здружението.

Претседателката на здружение „Ретко е да си редок“ Гордана Лолеска смета дека со текстот од песната децата ги повикуваат возрасните да им се даде шанса на сите деца да имаат иднина, што за лицата со ретки болести значи вложување во медицински истражувања и понуда на соодветна терапија која ќе им овозможи на лицата со ретки болести поквалитетен живот и живот без значителни здравствени потешкотии.

- Како што порачуваат децата, доколку возрасните (институциите) се грижат за децата и децата ќе се грижат да создадат похуман свет во кој ќе стареат возрасните и секако свет во кој секој би имал шанса за многу поубав и поквалитетен живот. Во песничката се вели „тука сме само јас и ти“ и одговорност на возрасните, односно институциите и креаторите на политики е да создадат поубава иднина на децата, а децата имаат право да го побараат тоа од нив, без да бегаат од одговорност или да ги оставаат работите за некое ново и поубаво „утре“, вели Лолеска.

Продуцентот и композитор Јовица Каралиевски посочи дека на идеја на Лолеска, со „К-2 Ѕвездички“, направиле кавер верзија на легендарната „We are the world" со која ќе пренесат една силна порака за поддршка на ретките.

Во кампањата за подигнување на свеста за ретките болести годинава, по шести пат се вклучува детскиот хор при КУД „Ѓердан од бисери“.

- Нашата поддршка е постојана, детската песна допира длабоко во нашите срца, и секоја година нестрпливо чекаме да ги обоиме рацете и да покажеме хуманост, благородност, искрени детски насмевки и порака дека сите сме исти, дури и кога мислиме дека не сме, изјава Татјана Узуноска Тренеска, уметнички раководител на КУД „Ѓердан од бисери“.

За изгледот на спотот се потруди продукцијата Digital Box и Борче Димоски, според кој секој збор за поддршка на децата е малку.

- Јас само успеав да го извлечам најдоброто од сето тоа што го покажаа на сцена и да го изработам спотот. Всушност децата и нивната енергија ми беа најголема инспирација која постојано ме движи напред кон создавање на еден поубав свет, истакна Димоски. сс/мд/

Фото: Здружение „Ретко е да си редок“

Остани поврзан