• вторник, 26 ноември 2024

Со премира на „Набуко“ од Џузепе Верди на 9 мај почнуваат „Мајски оперски вечери“

Со премира на „Набуко“ од Џузепе Верди на 9 мај почнуваат „Мајски оперски вечери“

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Со премиерната изведба на „Набуко“ од Џузепе Верди во Националната опера и балет во Скопје на 9 мај, ќе биде отворено 51. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Оваа година фестивалот се вклопува со годишнината 2010 години од раѓањето на Џузепе Верди.

Фестивалскиот оган за време на свеченото отворање ќе го запали маестро Томислав Шопов и ќе следи премиерата на операта „Набуко“, а на 12 мај ќе се прикажува балетот „Лебедово езеро“ од П. И. Чајковски.

На 17 мај ќе се прикажува операта „Кармен“ на Жорж Бизе, на 21 мај „Травијата“ од Џузепе Верди, а на 26-ти мај „Реквием“ од Џузепе Верди, каде што ќе свири оркестарот на Филхармонија и хорот на НОБ. На 31 мај свеченото затворање ќе биде со операта „Аида“. 

Директорот на НУ Национална опера и балет, Васо Ристов информираше дека „Набуко“ последен пат била обновена на 25 февруари 2003 година. На редовниот репертоар последен пат била изведувана на 7-ми декември 2017 година. Поради преголемиот интерес на публиката, билетите за Набуко и балетот Лебедово езеро веќе се распродадени. 

Уметничкиот раководител на Операта, Дејан Прошев на прес-конференцијата информираше дека со „Реквием“ на Верди ќе се одбележи и јубилејот 2010 години од неговото раѓање.

Диригентот од Италија Даниеле Аџиман изрази благодарност да диригира на отворањето на овој фестивал. Фестивалот е важен и на меѓународно ниво и претставува голема одговорност бидејќи станува збор за операта „Набуко“ која можеби е една од најсложените италијански опери.

Злата Тошевска, која е дел од авторскиот и солистичкиот тим на оперската премиера „Набуко“ на прес-конференцијата напомена дека и е огромна чест да настапи на најпрестижниот оперски фестивал со уште поголема одговорност а тоа е со улогата на Абигаиле.

-Навистина имавме тешки, напорни проби, но имаме прекрасна соработка и со дирекцијата и со нашите колеги и се беше во најдобар ред и навистина едвај чекам да дојде денот, рече Тошевска.

Ирена Кавкалевска посочи оти и е драго што настапува во трета продукција на „Набуко“ во нашата оперска куќа.

-Дваесет и пет години ја пеам оваа улога, доаѓаат нови сили, нови луѓе кои треба да се докажуваат и среќна сум што има квалитетни уметници. Се надевам дека ќе слушнете одлична претстава, рече Кавкалевска на прес-конференцијата.

Игор Дурловски на прес-конференцијата информираше дека ќе настапи во улогата на Захарие.

-После седум години повторно се враќам на отворање на Мајските оперски вечери. Претставата околу новата продукција е спој на одличен диригиент, гостин, одличен режисер, цел странски тим и комбинација на можеби едни од највредните и најдобри солисти на НОБ, може да гарантира само одлична продукција во која верувам дека на 9 мај ќе уживате, рече Дурловски.бт/са/

 

 

Остани поврзан