• четврток, 04 јули 2024

Со попис до рамномерен развој на регионите и општините

Со попис до рамномерен развој на регионите и општините
Скопје, 17 септември ПОПИС 2021 и регионалниот развој Шума, вода, асфалтирани патишта. Во голем дел од македонските села на истокот од државава има се, но луѓе има се помалку. Во винички Блатец спуштените капаци и заклучените порти на големите и убави куќи потврдуваат дека животот полека се празни од селото. Поради пандемијата голем дел од куќитеостанаа затворени бидејќи нивните стопани не можеа да се вратат назад. Во штипско, пак,многу села се само обични топоними без живот во нив. Катанците и полуразурнатите училишта,куќи, како и ’рѓосаните детски лулашки, немо сведочат дека тука некогаш живееле луѓе. Животот заминал или заминува од многу села и места во источниот дел на земјава. Сведоштва има, но нема официјални податоци колку луѓе останале и колку си заминале. Затоа, регионот кој има најголем негативен прираст и од кој, според неофицијалните статистики, се иселиле една третина од вкупно иселените граѓани од државава, го чека пописот. Селата се пустат, градовите се празнат Состојбата во источниот регион е загрижувачка. Многу селски училишта одамна ставија клуч на врата. Се празнат и училиштата во градовите. Само годинава, во источниот регион се запишале 700 првачиња помалку од планираното. Училиштето во винички Блатец, некогаш броело 400 ученици, сега  во него се школуваат само шеесетина деца. Жителите се шегуваат дека во италијанскиот град Канели има повеќе првачиња од Блатец отколку во Блатец. „Половина село си замина, другата половина мисли како да си ги спакува куферите. Короната малку го запре процесот, но штом ќесе отворат границите сите кои имаат можност ќе си заминат“, вели еден жител на Блатец. „Порано тука имаше четири продавници, имаше живот во селото,а сега се е пусто, нема живот“, раскажува жител на селото Жиганци. „Едното дете е со мене другото се исели од тука, нема работа нема егзистенција“, се жали еден жител на село Крупиште. Нема официјални податоци за иселените граѓани Неодамнешното истражување на граѓанската организација „Ини“ од Виница покажува дека во последниве две децении, 20% од жителите во Виница, трајно се иселиле во странство. Слична е состојбата и во другите градови во источниот регион. „Бидејќи нема релевантни податоци, правевме споредба низ годините, на бројот на осигуренци во Фондот за здравство и го споредувавме со други стастистички податоци. Така добивме застрашувачки бројки за намалувањето на бројот на жители во регионот“, вели Тодор Цоневски од оваа граѓанска организација. Според „Студијата со секторска анализа надемографскиот развој“, на Министерството за локална самоуправа, објавена во октомври 2020 година, источниот регион, за само девет години, од 2010 до 2019 година, изгубил дури 5.429 жители. Сликовито кажано, регионот останал без една општина како што е Зрновци. Но, податоците не даваат јасна слика за имиграцијата и емиграцијата во брегалничкиот регион, бидејќи се опфатени само оние граѓани кои легално го пријавиле престојот во друга земја и се одјавиле од матичната држава. Во оваа студија, која е едно од ретките сериозни државни истражувања на оваа тема, во нејзината изработка се користени официјални податоци од Државниот завод за статистика, кој прави проценка на бројот на населението, бидејќи податоците од последниот попис во 2002 година се веќе одамна застарени и не ги отсликуваат реалните состојби. За добра бизнис клима потребни се релевантни податоци за населението Штип е еден од градовите, во кој пред пандемијатасе започнуваа нови бизниси и се отвораа нови работни места. Локалните индустриски зони се полни. Се бараат нови локации и продажба на поголеми парцели. Она што им недостига на компаниите се податоци и информации за планирање на развојот и креирање ефикасни и ефективни стратегии за пласирање на производите. За да можеме да го планираме развојот, ни треба попис на населението, велат од компаниите. Тие како индивидуални стопански субјекти директно не зависат од пописот, но, креирањето на целокупната економска клима и развој во регионот и во државата како целина, зависат од пописните податоци за населението. „Не можете да планирате политика на макро ниво, ако немате податоци колку население имате. Како да се намали сиромаштијата? Колку од граѓание се вклучени во сивата економија? Тоа се важни прашања. Ние како држава треба да имаме реални бројки, а не да ја цитираме Светска банка за бројот за иселени, затоа што, ние немаме релевантни податоци“, вели Ангел Димитров, од Организација на работодавачи. За Илија Николов, сопственик на  „Актива“ од Штип, компанија која соработува со „Ван Хол“, пописот само ќе ја потврди горката вистина на која досега сите замижувале. „Нема луѓе за работа, се повеќе недостига работна рака. Се помалку во државава има младо и образовано население. Не само што се носат работници од помалите во поголемите општини, се повеќе работна сила се увезува и надвор од државата. Луѓе доаѓаат од Албанија и Турција, и работат на некои проекти“, истакнува Николов.   Истокот на топ-листата на промашени државни инвестиции   Од  долгата листа на промашени државни проекти и инвестиции, неколу се поврзани со источниот дел на земјава. Ако ги изоставиме оние како што е железничата пруга кон Бугарија, која не се реализираше заради недостиг од визијаи решителност на државата, остануваат неколку проекти за кои, заради популизам и несоодветно планирање, залудно се потрошија пари на граѓаните. Со парите од продажбата на Телеком се тампонираше и се проби патот кон можниот граничен премин „Црна скала“ кај Делчево. Тоа чинеше близу два милиони евра. Но, отворањето на овој премин и после толку години,се уште е утопија. Инфраструктурно се средија и две државни технолошко-развојни зони во Делчево и во Берово. Но локациите се уште се само празни ливади. Наместо работници, тука ќе сретнете само животни и рекреативци. Од општина Делчево велат дека има интерес за градба во локалните индустриски зони, но дека за државнатаиндустриска зона досега, колку што тие имаат информации, никој не покажал интерес. Пописот е важен за определување на општинските приоритети Северна Македонија има осум плански региони. Секој од нив има свои специфичности и потреби за развој. Од Центарот за развој на источниот регион велат дека неопходни се нови податоци за креирање на стратегиите и дека ваквата состојба ни малку не им оди во прилог. „Користиме податоци за населението од 2002 година, а врз основа на споредба со други бази на податоци од државни институции доаѓаме до шокантни сознанија за депопулацијана источниот регион. Но тоа, сепак, не е официјален податок врз основа на кој можеме да ги креираме нашите активности. Иако тоа не се одразува на планирањето на инфраструктурните проекти, бидејќи патишта и водовод мора да има секаде, сепак важно е за услугите. Ако, на пример, некаде има постаро население ќе се ориентираме кон социјални услуги, ако е помладо кон образование“, вели Зуица Ангелова, Центар за развој на Источниот плански регион. Ангелова додава дека тие во програмата за работа користат податоци од пописот во 2002 година, иако една од главните точки е поттикнувањето нови работни места, како и истражување на потенцијалот на регионот за инвестиции и искористување на објектите и другите ресурси на општините. Голем дел од градоначалниците сметаатдека методологијата со која се определува степенот на развиеност на регионите не е реална и нагласуваат дека оваа искривена слика ќе се поправи со пописот односно со неговите релевантни и прецизни податоци. „Пописот е важен за сите региони. Ќе добиеме реални и важни информации за праведно планирање на општинските ресурси и буџети. Сега тие бројки ги немаме и нашите стратегии ги правиме врз основа на проекции. Сигурно кога ќе бидат достапни податоците од пописот ќе мора општините да прават ревизија на стратегиите и нови буџети за да имаме еднаков развој“, вели Николчо Илијев, градоначалник на Кочани. Иако навидум е само статистичка операција, пребројувањето на населението е многу повеќе од тоа. Од пописните податоци очигледно зависи креирањето на државните и локалните стратегии. Без нив општините не можат реално и успешно да го креираат својот развој и на долг рок да ги определат приоритетите. Дали треба да се гради пат или канализација во едно населено место, или да се даде предност на нешто друго? Каква е структурата на населението во општините и регионите? Што е потребно, приоритетно, важно за општината и за граѓаните – градинка, училиште, здравствен дом, дом за згрижување стари лица, или нешто друго? Ова се само дел од прашањата на кои одговор треба да даде пописот. Неговото спроведување е потребно и затоа што, при подготовката и одобрувањето на инфраструктурните и развојните проекти, на меѓународните фондови, на институциите и на бизнисот во целина, им се потребни релевантни информации и податоци за населението, работна сила, миграциите и др. Само врз основа на тоа може да се процени нивната оправданост и одржливост. Податоците со кои сега располагаме се стари две децении. Државниот завод за статистика прави различни проценки и анализи, но сепак најверодостојни податоци се оние кои се добиваат со пописот на населението, становите и домаќинствата. Оттаму, недвосмислено се наметнува заклучокот дека за развојот на селата, градовите, општините и регионите, спроведувањето на пописот е од суштинско значење. Авторка: Виолета Кожинкова   Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ. ___________________________________________________________   МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан