• среда, 25 декември 2024

Со концерт „Зорина“ на 6 октомври почнува новата концертна сезона на Филхармонија

Со концерт „Зорина“ на 6 октомври почнува новата концертна сезона на Филхармонија
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Со концерт насловен „Зорина“, на 6 октомври почнува новата концертна сезона на Филхармонија, на кој како солисти ќе настапат пијанистите Алексеј Володин и Едит Пења. На програмата се три клавирски концерти од Моцарт, а ќе биде изведена и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“. Новата концертна сезона годинава има нов слоган насловен „Дамар на слободата“. Како што посочи директорката на Филхармонија Тина Иванова на денешната прес-конференција, самиот слоган значи пулс на слободата, или пулсирање кое соодвествува и со музиката, но и со начинот на живеење. -Македонскта Филхармонија на секоја концертна сезона и дава ново име. Ако минатата година нашиот слоган беше „Филхармонија во движење“, и тоа значеше дека Филхармонија не застана со работа и покрај ковид-пандемијата, оваа година слоганот е „Дамар на слободата“. Во текот на целата година ќе имаме мошне разновидна програма, ќе биде своевидно надоврзување на претходната сезона во однос на изборот на делата, рече Иванова. Сите концерти во новата сезона, како што објасни Иванова, се насловени со архаични изрази, со тенденција да се збогати македонскиот јазик. Насловот на „Зорнина“ симболизира нов почеток или раѓање на нова зора, на нова концертна сезона. -Свеченото отворање ни носи фантастичен диригент од Исланд, Гунди Емилсон, маестро кој за првпат ќе застане зад диригентскиот пулт со македонската Филхармонија, а како солисти ќе настапат двајца врвни пијанисти Алексеј Володин и Едит Пења од Шпанија и од Русија, добро познати имиња во светот на класичната музика и тоа ќе биде вечер посветена на Моцарт, додаде Иванова. Таа напомена дека за првпат на нашата сцена во иста вечер ќе бидат изведени три концертни со пијано и оркестар, а во знакот на Моцарт ќе биде посветена целата недела. Исто така, како што најави Иванова, за првпат македонската Филхармонија почнува соработка со Кинотеката на Македонија, па така следната вечер, на 5 октомври ќе биде прикажан филмот „Амадеус“ на Милош Форман во Кинотеката.

Со концертот насловен „Далга“ кој ќе биде изведен и во Скопје на 12 октомври, оркестарот на Филхармонија ќе гостува и во Белград на 16 октомври. Диригент на овој концерт е маестро Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи Рафаел Агире на гитара од Шпанија. На програмата се дела од Петровски, Родриго и Чајковски.

-Гостувањето во Белград е од исклучително значење за нашата институција, историски настан за нас, рече Иванова.

До крајот на сезоната, како што напомена директорката на Филхармонија, публиката ќе има можност да проследи низа интересни концерти со возбудливи солисти и диригенти и да чуе деликатно избрана програма.

До крајот на годината со оркестарот на Филхармонија ќе настапат диригентите Кондрад ван Алфен, Емил Табаков, Борјан Цанев, Виктор Митревски, а како солисти ќе настапат и голем број македонски солисти – виолнистите Владимир Костов и Даниел Лазаревски, чембалистката Цветанка Созовска, тенорот Благој Нацоски.

Исто така, во рамки на програмата до крајот на оваа година е и концертот за деца „Магичен глас“ како и концертот „Омаж за маестро Александар Џамбазов“ кој ќе се реализира во рамки на програмата на фестивалот „Денови на македонската музика“.

Филхармонија за првпат по подолго време ќе соработува и со НОБ, со чии ансамбли заедно ќе го изведат Вердиевиот „Реквием“ на „Мајските оперски вечери“ како и музиката на Збињев Прајснер од филмот „Три бои сино“ на режисерот Кшиштоф Кишловски.

На отворањето на новата концертна сезона „Дамар на слободата“ ќе биде промовирано и новото це-де „Филхармонија во срцето“ кое го издаде „Con:tempo“ во соработка со Филхармонија на РСМ.

-Исклучително сум среќна што токму овој концерт се најде на це-дето, бидејќи станува збор за изведба во живо, посочи денеска на прес-конференција Дијана Имери Илкоска, диригентката која во водеше концертот „Филхармонија во срцето“.

Албумот е снимка од истоимениот концерт на Камерниот оркестар на Филхармонија кој го водеше диригентката Дијана Имери Илкоска, а како солисти настапија Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). На албумот може да се слушне изведбата на дела од Антон Аренски, Антонин Дворжак и од македонскиот композитор Томислав Зографски.

Во однос на соработката со Кинотеката, директорот на Кинотека Владимир Ангелов на денешната прес-конференција го најави прикажувањето на антологиското кинематографско дело на режисерот Милош Форман – филмот „Амадеус“ биопик, посветен на генијалниот композитор Волфганг Амадеус Моцарт, на 5 октомври.

Како што рече, проекцијата на филмот ќе биде своевидна увертира, пред концертот на 6 октомври на кој оркестарот на Филхармонија и пијанистите Алексеј Володин и Едит Пења ќе изведат четири дела од богатиот музички опус на Волфганг Амадеус Моцарт.

 -Успеавме да ги обезбедиме правата за прикажување на филмот, откако го исконтактиравме синот на продуцентот на филмот „Амадеус“. Парите со кои требаше да ги платиме парите за прикажување, на барање на продуцентската куќа ќе ги донираме во хуманитарни цели, додаде Ангелов.бт/аа/

Остани поврзан