• недела, 22 декември 2024

Со концертот „Го славиме јубилејот“, Македонска филхармонија ќе ја отвори роденденската сезона

Со концертот „Го славиме јубилејот“, Македонска филхармонија ќе ја отвори роденденската сезона

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Со концерт насловен „Го славиме јубилејот“ во четврток ќе биде отворена роденденската сезона на Македонската филхармонија насловена „Одисеја“. На концертот како солист ќе настапи сопранистката Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф – диригентот Јерухам Шаровски од Израел.

На програмата е премиерната изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски и светската премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев.   

Како што посочи денеска на прес-конференција в.д. директорот на Македонската филхармонија, Александар Котевски, оваа година овој најстар музички колектив одбележува 80 години постоење.

- Чест ми е и задоволство да бидам вршител на должноста на оваа концертна сезона, затоа што оваа година славиме 80 години како најстар музички колектив. Нашата концертна сезона е наречена „Одисеја“ и претставува музичко патување исполнето со многу музички предизвивици, авантури и многу концерти, рече Котевски.

Тој најави дека оваа концертна сезона ќе настапат многу македонски солисти и диригенти, како и врвни светски гости.

- Внимателно беше правена програмата за да бидат застапени сите инструменти. Сигурен сум дека оваа концертна сезона ќе го задржи вниманието и фокусот на нашата драга публика. Подготовките се во тек и сигурен сум дека ќе имаме реализација на одличен концерт. Акцент се става на изведба на премиерни нови македонски композиции. Сигурен сум дека македонската публика ќе ужива во нашите неповторливи концертни реализации на осмислената програма, додаде Котевски.

Маестро Јерухам Шаровски на прес-конференцијата потсети на успешната турнеја на Македонската филхармонија во Израел во 2019 година.

- Имам посебна поврзаност со овој оркестар, со кој работам од 2003 година. Ние имавме успешна турнеја на Македонската филхармонија во Израел во 2019 година. Имам одлична соработка со професионалците од оркестарот на Филхармонија, имаме посебна искра и енергија. Испланиравме убава програма за во иднина, со в.д директорот на Фихармонија Александар Котевски, се знаеме долги години. Го знам како професионалец, односно виолончелист во оркестарот на Македонската филхармонија и можам да кажам дека тој е многу посветен и амбициозен, со посебна искра во работата, рече маестро Шаровски.

Потсети дека и во минатото соработувал со сопранистката Ана Дурловски, за која рече дека е еден од најголемите од оперски гласови.

Сопранистката Ана Дурловски рече дека и е драго што ќе соработува со маестро Јерухам Шаровски и најави една специфична и интимна програма со музиката на Корнголд, која ќе биде прикажана на концертот.

- Овој оркестар е во моето срце. Имам прекрасна соработка со колегите веќе години наназад, тука се моите почетоци. Првиот мој настап со оркестар беше всушност со Македонска филхармонија. Драго ми е што соработуваме со маестро Шаровски и се надевам дека нема да биде последна соработка. Ве уверувам дека ќе уживате во концертот. Се работи за специфична и интимна програма со музиката на Корнголд. Можеби најубавиот момент фатен во музиката „На смрттна разделба“ е една од композициите која ќе се изведе и ова е моето омилено парче во оперската литература. Ќе бидат изведени „Шест едноставни песни“ од Корнголд, но заради повисоките штимови во оркестарот, ќе се изведат четири од тие шест. Ќе биде изведена и песната на Мариета од операта „Мртвиот град“, од Корнголд, најави Дурловски.

Премиерно, на концертот в четврток ќе се изведе и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ на македонскиот композитор и пијанист Борис Светиев, една од композициите која помина на Конкурсот за откуп на дела од македонски автори, а којшто институцијата го распиша годинава. Идејата да го создаде ова дело, Светиев ја имал од пред повеќе години, тежнеејќи да го истражи соодносот шум-тон. Вели дека токму Конкурсот за нарачка на дела од страна на Филхармонијата за него бил доволен мотив да ја реализира до крај таа идеја, со оглед на тоа што веќе ги имал и техничките можности и доволно предзнаење за тоа како би требало да тече процесот на работа врз една композиција со помош на DAW (Digital Audio Workstation).

Во концертната сезона 2024/2025, во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.

Новата сезона е насловена „Одисеја“, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици. И насловите на концертите се извлечени од наслови на претходни сезони за да се сублимира осумдеценискиот континуитет на Македонската филхармонија. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија во новата роденденска сезона ќе продефилираат уникатни индивидуалци како пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов кој воедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември; Роберт Бонфиљо - усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева- Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз и асистентка на славната диригентка Барабара Ханиган, како и маестро Конрад Ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија. И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025-та  ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Дмитри Маслеев од Русија и др. На Велигденскиот концерт, насловен „Per aspera ad astra“ за првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во це-мол од Моцарт. бт/бак/

Фото: Филхармонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан