• понеделник, 04 ноември 2024

Со исплата на плати доцнат 5428 работодавачи, 700 од нив од почетокот на годинава

Со исплата на плати доцнат 5428 работодавачи, 700 од нив од почетокот на годинава

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) – Со реализација на обврските со МПИН-пресметките што треба да ги достават до УЈП за уплатата на придонеси и исплата на нето-плата доцнат 5428 работодавачи во државава, покажува анализата на Управата за јавни приходи (УЈП) за периодот од јануари до крајот на септември 2023.

-Од нив, 1912 доцнеле повеќе од еден месец, а 700 доцнат со реализација од самиот почеток на годинава. Кај сите се преземени соодветни мерки за присилната наплата, рече Сања Лукаревска, директорка на УЈП на брифинг со новинарите.

За септември 2023, обврска за МПИН немале исполнето  68 893 работодавачи за 552 193 вработени лица. Од нив, платена пресметка имаат 59 708 работодавачи за 535 058 вработени лица, од кои 47 116 работодавачи за 462 017 вработени платиле во законски рок до 16 октомври, а останатите платиле со задоцнување.

До 7 ноември, пресметката не ја платиле 3730 работодавачи за 8673 работници, додека 5455 работодавачи за 8462 вработени лица воопшто не поднеле пресметка за октомври 2023.

Со реализација на обврски кон МПИН-пресметки на нето-платата за септември доцнат  3945 работодавачи. Најмногу се од угостителската дејност (241 деловен субјект), товарен патен транспорт (218), адвокатски дејности (161), одржување и поправка на моторни возила (141), фризерски салони и салони за убавина (130).

Најголем број доцнења има кај 1552 даночни обврзници од Скопско, а 754 се од Полошкиот Регион.

Од доцнењето на платата во септември се засегнати 8700 работници, од кои 6141 вработени и околу 1500 кои се даночни обврзници со еден вработен.

 Работодавач на најголем број работници зафатени од доцнењето, вкупно 378, е скопска компанија од дејноста чистење згради и објекти, потоа 148 работници се од скопска компанија за приватна заштита, 84 работници се кај работодавач од дејноста високо образование и 79 вработени во јавно претпријатие во Виница. хс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан