Со изведување на докази од одбраната продолжи судењето за убиството на ракометарот Денис Тот
- Со изведување докази од одбраната во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градск
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) - Со изведување докази од одбраната во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје.
На изминатото рочиште, на предлог на одбраната сведочеа лекари од Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
На рочиштето лекарката Маја Мојсова Миовска од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) тогаш изјави дека дури и да ја знаеле повредата на 'рбетниот мозок, курсот на лекување ќе останел ист.
На прашање дали повредата на 'рбетниот мозок им била позната, лекарката Билјана Андоновска, исто така од КАРИЛ, изјави дека според првичната дијагностика што била направена, во документацијата што ја имале на увид немало таков опис.
Адвокатот на обвинетиот Андреј Костовски, Еленко Миланов, во изјава за медиуми по рочиштето истакна дека снимањето морало да ја покаже повредата.
Обвинителката Тања Трајчевска претходно на рочиштето изведе материјални докази - рендген снимки од оштетениот Денис Тот изготвени од Судска медицина.
Пред судот, исто така, беа изведени и материјални докази, меѓу кои извештаи од мобилни оператори за повеќе телефонски броеви, извештаи од МВР, упати и извештаи од Ургентен, Токсикологија, Неврохирургија, Радиологија и друга документација.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
- По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. свс/нд/
Фото: МИА архива