• понеделник, 23 декември 2024

Со бамбуси и егзотични треви се разубави живеалиштето на тигарот во ЗОО Скопје

Со бамбуси и егзотични треви се разубави живеалиштето на тигарот во ЗОО Скопје

Скопје, 18 септември 2023 (МИА) - Живеалиштето на тигарот во Скопската зоолошка градина денеска беше разубавено со бамбуси и други егзотични треви. Акцијата се реализира на Светскиот ден на бамбусите, а целта е да се долови што повеќе природна животна средина на тигарот, велат од ЗОО Скопје.

Бамбусите се донација на ХЕФ, додека егзотичните треви и другите растенија на Градинарскиот центар Фоја, кој исто така помогна во самото садење на растенијата и пејзажното уредување.

- Скопската зоолошка градина е еден од симболите на нашиот град, место со долга традиција, омилено за посета посебно од страна на децата. Живеалиште е на бројни егзотични животни од различни делови од светот, кои заслужуваат да живеат во уреден и автентичен простор, многу близок до нивната природна средина. Токму затоа ХЕФ во соработка со ФОЈА, со задоволство се приклучија на акцијата, живеалиштето на Тигарот, да добие егзотична атмосфера, со растенија карактеристични за неговата природна средина, велат од ЗОО Скопје.

Оттаму, објаснуваат дека бамбусите, пампасите и другите егзотични треви се едни од најиздржливите, најбрзо растечки треви кои претставуваат повеќегодишни зимзелени растенија од фамилијата треви.

- Тигарот претпочита густа вегетација, место каде ќе може да биде спокоен и секогаш да е во близина на вода. Со оваа донација се обезбедува токму тоа. Иако се заштитени во меѓународни рамки, тигрите се вбројуваат во сериозно загрозените видови. Имено, само во последното столетие, нивната популација се намалила за повеќе од 90 отсто, додека два подвида се сметаат за исчезнати, велат од ЗОО Скопје, додавајќи дека секоја донација која ќе биде во функција на обезбедување благосостојба на животните и ќе поттикне посреќна средина за живеење, е добредојдена. ир/дма/

 

Фото: ЗОО Скопје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан