• среда, 27 ноември 2024

Сојузот на извидници на Македонија одбележува 70-годишен јубилеј

Сојузот на извидници на Македонија одбележува 70-годишен јубилеј

Скопје, 25 февруари 2023 (МИА) - Сојузот на извидници на Македонија (СИМ) денеска во Прилеп, на Могилата на непобедените, ќе одржи централна манифестација по повод 70 години од постоењето на организацијата.

Како што информираат од Сојузот на извидници, на централната прослава во Прилеп, на едно место извидниците од цела држава ќе се соберат да го слават извидништвото и неговиот основач, како и да придонесат кон создавање подобар свет преку низа на активности, каде луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.

За одбележувањето на јубилејнава 2023 година извидничко движење во Македонија, подготви и реализира репертоар на иницијативи, акции и програми.  

СИМ е младинска чадор организација основана во 1953 година. Како организација со 70 годишна традиција, преку промовирање на мир, животни вештини и позитивни вредности, согласно актуелните трендови континуирано спроведува неформална едукација за младите градејќи конструктивни индивидуи, кои активно придонесуваат за општествениот развој.

СИМ денес функционира на речиси целата територија на Република Северна Македонија и претставува најголема младинска чадор организација на 23 активни извиднички одреди во државата. Во моментов во организациите членки на СИМ, извидничка програма следат активно повеќе од 2500 деца и млади. Тие 23 извиднички (поречански / езерски) одреди, согласно извидничкиот завет и закони, практикуваат програми кои кај младите развиваат вештини и поттикнуваат градење на карактерот.

Во процесот на постигнување на целите, СИМ, како организација - членка на најголемата младинска фамилија и едукативна организација во која членуваат повеќе од 57 милиони млади, од повеке од 180 држави и територии низ светот, ги претставува интересите на светското извидничко движење без оглед на социо-економската позиција, пол, раса, етникум и културна позадина, политичко-религиозни убедувања, сексуална ориентација или било каква форма на поделба.

Сојузот на извидници на Македонија традиционално секоја година го прославува февруари, месец во кој е роден основачот на извидништвото - Лорд Роберт Баден - Пауел. По повод неговиот роденден, СИМ и извидничките одреди членки спроведуваат кампања „Направи добро дело“, преку која ги идентификуваат потребите на својата локална заедница и придонесуваат за нејзино подобрување. Дополнително се организираат и крводарителски акции ширум целата држава, како и еколошки акции за заштита на животната средина. вг/лв/

Фото: МИА Архива

 

 

 

Остани поврзан