• сабота, 21 декември 2024

Социјално-енергетската трансформација треба да се базира на солидарност, соработка и инвестиции, порача Ковачевски

Социјално-енергетската трансформација треба да се базира на солидарност, соработка и инвестиции, порача Ковачевски
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Соработка, инвестиции и солидарност се трите принципи на кои треба да се базира социјално праведната енергетска трансформација на Европа, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски. Премиерот денеска пред присутните на панел дискусија „Социјално-праведна енергетска трансформација на Европа", организирана од фондацијата Фридрих Еберт,  меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес - Институтот за социјална демократија, говореше за тоа како изгледа една социјално еколошка транзиција во услови на растечка инфлација, недостиг на енергенси и во услови на работа со капацитети кои се изградени во времето на социјалистичка Југославија. -Најголемиот удар врз дисбалансот на пазарот на електрична енергија дојде после војната којашто Русија ја направи во Украина. Пришто дојде до недостиг на енергенси во Европа и тоа пред сè гасот од кој зависеше и цената на електрична енергија и снабдувањето со електрична енергија. Од еден пазар на електрична енергија којшто пазар долги години беше пазар на купувачи, кадешто купувачите практично кажуваа колку количини им треба и тие ја определуваа цената на електрична енергија сега се наоѓаме во пазар на продавачи бидејќи има недостиг на електрична енергија и тие ја определуваат цената нормално на берза и колку и каде количини ќе бидат испорачани. Во такви услови она што треба да се направи според мене, треба да се базира на три принципи а тоа е соработка, инвестиции и солидарност, истакна Ковачевски. Тој напомена дека регионот поминал еден период на долга транзиција од бившиот југословенски систем меѓутоа и од бившиот социјалистички систем на Варшавскиот договор, бидејќи државите беа или дел од Југославија или беа дел од Варшавскиот договор. -Албанија дури беше и поспецифичен случај на изолирана држава, повеќе како Северна Македонија во тоа време на тие 45 години што ги става исто така во многу тешка ситуација. Сите земји освен Босна и Херцеговина и Хрватска се увозно зависни на електрична енергија и тоа некаде 17 отсто до 73 отсто на годишно ниво. Сите произведуваат електрична енергија од стари капацитети коишто капацитети се на лигнит што значи дека тука за екологија не можеме да зборуваме и што единствен пристап до гас имаат до руски гас. Тоа се сите проблеми кои ги имаме на маса, рече Ковачевски. Тој нагласи дека од страна мора да се обезбеди електрична енергија за функционирање на економијата, на граѓаните и таа да биде по поднослива цена. -Ако имате цена која не може да ја поднесат нема да можат да ги платат своите сметки, неплатените сметки во исто време значат неликвидност на енергетскиот систем и недостиг на електрична енергија, рече Ковачевски. Според премиерот третата работа е тоа што во услови на криза секогаш е добро да се инвестира и да се користи како можност за трансформација. Додаде дека тоа се основите на кои се градат политиките, на на сите држави во овој регион. -Кога ќе ги погледнете стапката на инфлација во ЕУ, стапката на инфлација во регионот. Иста е. Кога ќе погледнете недостиг на електрична енергија во ЕУ и тука, исти се. Кога ќе погледнете цена на електрична енергија во ЕУ и во регионот, исти се. Тоа значи дека и да ни дадат експертиза не знам што би се променило. Но, она што треба да го правиме сите заедно тоа и го потврди Европската комисија за разлика од претходната ЕК, посебно претседателката Фон дер Лајен дека може да се обезбеди соработка помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, изјави тој. Потенцира дека таа е клучна во вклучувањето на земјите од Западен Балкан во заедничкиот пазар за снабдување со гас и енергенси, во пакетот помош кој не беше наменет само за земјите од ЕУ туку и беше наменет и за земјите од Западен Балкан. Премиерот напомена дека таа соработка се однесува и во делот на инвестиции, бидејќи со војната во Украина има најмалку два парадокса. -Едниот е што инфраструктурата што беше градена 50 години, а тоа е инфраструктура од исток кон запад за пренос на нафта. Значи Северен тек 1, Северен тек 2 итн., тие практично се нефункционални. Тоа е првиот парадокс. Постоечка инфраструктура веќе не може да се користи. Вториот е што и Русија со својата непромислена и неоправдана војна во Украина не може да продава веќе енергенси по таа инфраструктура, но мора да продава на исток каде нема инфраструктура. Сега тие ќе треба да градат инфраструктура кон исток, кон Кина, Пакистан итн. И ние бидејќи ја немаме исток-запад инфраструктурата треба да градиме инфраструктура југ-север, север-југ и запад-исток. Доколку погледнете кои било економски магазини темите се за новите инфраструктури помеѓу Шпанија - Франција, новите ЛНГ терминали во Грција, нови ЛНГ терминали во Албанија, проширување на ЛНГ терминали во Хрватска итн. Тоа е се дел од инфраструктурата која не постои, изјави Ковачевски. Премиерот додаде дека таа инфраструктура во рок од две години не може да се направи бидејќи се работи за инвестиции од милијарди евра, но додаде дека може да се направи побрзо доколку се работи заедно. На панелот учествуваа Мартин Шулц, претседател на фондацијата Фридрих Еберт и поранешен претседател на Европскиот парламент, премиерот на Косово Албин Курти, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде и Христина Спасевска проректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ковачевски на почетокот на своето обраќање се заблагодари до Фридрих Еберт фондацијата и на Шулц, што се Скопје по втор пат и што може да се разговара на оваа тема. -Тема која е клучна во овој момент и драго ми е тоа што го правиме заедно со исклучително значајни социјалистички и социјалдемократски имиња и во регионот заедно со премиерот Курти, нашата гостинка, министерката Линде, рече Ковачевски. мс/ац/
<

Остани поврзан