• недела, 22 декември 2024

Социјалистот Салвадор Ила избран за премиер на Каталонија, Пуџдемон сè уште во бегство

Социјалистот Салвадор Ила избран за премиер на Каталонија, Пуџдемон сè уште во бегство

Барселона, 8 август 2024 (МИА) - Социјалистот Салвадор Ила, близок до шпанскиот премиер Педро Санчез, денеска беше избран за премиер на Каталонија, на изборите што се одржаа и покрај краткото враќање и новото бегство на сепаратистичкиот лидер Калес Пуџдемон.

Партијата на Пуџдемон, кој избега од полицијата и покрај налогот за апсење кој се уште е на сила во Шпанија, неуспешно побара одложување на парламентарната седница за избор на шеф на владата, пренесе Бета.

Шпанската полиција денеска ја започна операцијата „Кафез“ во потрага по поранешниот каталонски премиер Пуџдемон, кој по седум години во егзил, и покрај заканата за апсење, денеска се појави во Барселона и им се обрати на поддржувачите на независноста на Каталонија.

Опкружен со приврзаници, Пуџдемон одржа говор во близина на споменикот на Триумфалната капија, во близина на Парламентот на Каталонија, каде денеска беше избран новиот премиер на тој регион, но не влезе во Парламентот, јавуваат локалните медиуми, наведувајќи дека по говорот, Пуџдемон изгубил трага од толпата.

Во 2017 година, Пуџдемон, кој го одржа тогаш забранетиот референдум за независност на Каталонија, утрово во обраќањето до своите поддржувачи рече дека се вратил за да ги потсети дека се уште е тука.

-Каталонија има право да одлучува за својата судбина. Одржувањето референдум не е и никогаш нема да биде кривично дело, им рече тој на толпата која носеше каталонски знамиња.

Како отстапка од страна на малцинската левичарска влада, предводена од Педро Санчез, на партиите кои се залагаат за независност на Каталонија, вклучително и Заедно за Каталонија на Пуџдемон, шпанскиот парламент во мај усвои закон за амнестија со кој ја прекина кривичната постапка против неколку стотици организатори на референдумот.

Сепак, Врховниот суд во Мадрид пресуди дека амнестијата не може да го опфати Пуџдемон поради наводната проневера на парите на даночните обврзници и затоа е распишана потерница.

Каталонската полиција Мосоос д'Ескадра поставила бројни контроли на возила на каталонските патишта за да го пронајде исчезнатиот Пуџдемон, но засега безуспешно, па се уште трага по него вечерва.

Тој побегнал искористувајќи го големиот број луѓе кои биле околу него, со возило кое полицијата се обидела да го запре, но залудно“, беше соопштено.

Но, како што пишуваат француските медиуми, двајца припадници на каталонската полиција се уапсени под сомнение дека и тие учествувале во бегството на Пуџдемон. Дури се сомнева дека еден од нив е сопственик на автомобилот со кој Пуџдемон избегал. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан