• недела, 22 декември 2024

Состанок на Работниот комитет за Националната развојна стратегија: Фокус на енергетскиот сектор и долгорочен одржлив развој

Состанок на Работниот комитет за Националната развојна стратегија: Фокус на енергетскиот сектор и долгорочен одржлив развој

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - Состанок денеска одржал Работниот комитет за Националната развојна стратегија (НРС), советодавно тело на Советот кое обезбедува експертска и техничка поддршка во имплементацијата на Националната развојна стратегија 2024-2044 година, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Како што наведува, целта на овие активности е да ги постигнат амбициите за економски раст, социјална правда и одржлив развој, дефинирани со стратегијата.

-Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, во  воведното обраќање ја истакна важноста на оваа иницијатива и ја изрази благодарноста кон УНДП и Министерството за финансии на Република Словачка за нивната поддршка. Јанушев нагласи дека со донесувањето на Националната развојна стратегија 2024-2044 и Програмата за нејзина имплементација 2024-2028, се започнува сериозен процес на долгорочен развој на земјата, информира Министерството. 

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во своето обраќање изјавила дека, иако патот е полн со предизвици, тој отвора и нови можности кои мора да се искористат.

-Македонија се соочува со сериозни предизвици во енергетскиот сектор. Иако потрошувачката на енергија по глава на жител е пониска од просекот на ЕУ, имаме висок степен на енергетска сиромаштија и еколошка деградација. Во 2020 година, 24 проценти од населението се соочуваше со енергетска сиромаштија, три пати повеќе од ЕУ просекот. Нашата цел е да балансираме помеѓу намалувањето на енергетската сиромаштија и зголемувањето на економската продуктивност, додека ги постигнуваме еколошките стандарди. Приоритет ќе ни биде да преминеме кон чиста енергија и да ја зголемиме енергетската ефикасност во сите сектори, особено преку поддршка на ранливите групи, како што се жените и помалку развиените региони. Истовремено, ќе вложиме во модерни технологии и обновливи извори за поголема енергетска ефикасност во индустријата и домаќинствата. Преку праведната транзиција во енергетскиот сектор ќе создадеме зелени работни места и ќе овозможиме родова еднаквост во новите проекти, истакнала Божиновска.

Според министерката, првите две до три години се клучни за имплементација на најважните мерки и ги повикала членовите на Работниот комитет да предложат конкретни мерки за брза реализација.

-Со обединети напори од сите партнери можеме да изградиме зелена и одржлива иднина која ќе биде подобра за сите нас, нагласила Божиновска.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека работи на подготовка на нов Закон за енергетика и Закон за обновливи извори на енергија. Како што посочува, работната група, составена од претставници на релевантните институции, енергетски компании, стопански комори и здруженија на производители на електрична енергија, активно го изработува текстот на законот. Предлог-законот се очекува да биде поднесен до Собранието најдоцна до почетокот на декември, со цел исполнување на обврските преземени со Договорот за основање на Енергетската заедница.

-Националната развојна стратегија (НРС) е визионерски документ за следните 20 години, кој ја насочува земјата кон долгорочен развој преку четирикратен хеликс модел, овозможувајќи интегрирана соработка помеѓу државата, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор. Во претстојниот период ќе се разработат конкретни акции за реализација на стратегијата, стои во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. хс/са/ 

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

 

 

Остани поврзан