• вторник, 05 ноември 2024

Состанок на Локалниот совет за превенција на општина Битола

Состанок на  Локалниот совет за превенција на општина Битола

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Локалниот совет за превенција на општина Битола денеска на состанок, што го одржал градоначалникот Тони Коњановски, донел заклучоци за  идни координативни активности за надминување на  проблеми во општината, а била разгледана и состојбата со пожарите.

Како што соопшти Општина Битола, командирот на ТППЕ Битола, Горан Димковски, нагласил дека досегашното искуство покажало оти предизвикувач на пожарите е човечки фактор, а цел е борова шума. На состанокот се разговарало за можноста за активирање мобилни патроли кои ќе ја контролираат состојбата на теренот.

Во однос на проблемот со питачење на деца и возрасни на Широк сокак и во рестораните,  СВР Битола потенцирал дека Центарот за социјална работа треба да преземе соодветни мерки, бидејќи полицијата има надлежност да постапува само во случаите со возрасни лица.

-Исто така, беше потенциран и предлог за соработка со социјалните служби и невладини организации за поддршка на овие лица. Во врска со проблемот со лица под дејство на алкохол на Широк сокак, од
страна на градоначалникот беше даден предлог за засилено патролирање и контролирање на јавниот ред и мир, се наведува во соопштението. 

За присуство на велосипедисти и шетање миленици низ Широк сокак, се посочува дека особено е важно
почитувањето на Законот за јавна чистота, „додека законските измени значително ја намалуваат можноста за постапување на полицијата во одредени случаи поврзани со домашните миленици“.

-Од страна на градоначалникот беше отворено и прашањето за непрописното паркирање, особено узурпацијата на тротоарите, како и потребата за соодветно делување. Покрај координативните активности со Јавното претпријатие за паркирање, на состанокот беше испратен и апел до граѓаните, во периодот додека траат интензивните градежни активности да се намали користењето на возилата, освен во случаите кога е неопходно, со цел да не се прави застој во сообраќајот, да се зголеми безбедноста на пешаците, а инфраструктурните активности да се одвиваат непречено, информира Општина Битола. 

Сите донесени заклучоци, како што наведува, се однесуваат на дополнителни мерки кои во заедничка координација ќе бидат преземени во идниот период, согласно законската регулатива и надлежностите на институциите. хс/нд/

Фото: Општина Битола 

 

 
 
 

 

Остани поврзан