• понеделник, 23 декември 2024

Состанок на ЕУМЕД-9 во Атина со учество на девет медитерански земји и претседателката на ЕК

Состанок на ЕУМЕД-9 во Атина со учество на девет медитерански земји и претседателката на ЕК
Атина, 17 септември 2021 (МИА) – Со учество на претседателите на Франција и на Кипар, премиерите на Шпанија, Хрватска, Словенија, Италија, Малта, министерот за надворешни работи на Португалија и домаќинот Грција, како и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, денеска во Атина ќе се одржи самит на групата ЕУМЕД-9, јави дописничката на МИА од Атина. Станува збор за земји членки од медитеранскиот дел на Европската Унија, првичниот формат на групата беше МЕД-7, а сега вклучени се и Хрватска и Словенија. Според портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, на состанокот ќе стане збор за „безбедносните предизвици на Медитеранот, што ги ставаат во опасност безбедноста и стабилноста во регионот, потенцијалните нови кризи, како што е мигрантската, по последните случувања во Авганистан и климатските промени“. - На иницијатива на премиерот Кирјакос Мицотакис, годинашниот Самит МЕД-9 ќе се фокусира на климатската криза, на заштитата на животната средина и потребата за заедничко дејствување и соработка меѓу медитеранските земји, рече Иконому на вчерашниот брифинг со новинарите. Во рамките на Самитот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе оствари билатерални средби со неговите колеги од Хрватска и Италија. Токму поради одржувањето на состанокот, за попладневните часови, во Атина беше закажан протест против Самитот ЕУМЕД-9, организиран од „Иницијативата против уништувањето на животната средина и климатските промени“. Меутоа, со одлука на полицијата, од 6 часот утрово до полноќ забранети се секаков вид собири, протести или демонстрации во поширокиот дел на центарот на Атина, како и во населбата каде што ќе се одржи состанокот на ЕУМЕД-9. ср/гт/

Остани поврзан