• понеделник, 23 декември 2024

Сослушување на бугарската кандидатка за еврокомесар Иванова во Европарламентот 

Сослушување на бугарската кандидатка за еврокомесар Иванова во Европарламентот 

Брисел, 5 септември 2023 (МИА) – Бугарската кандидатка за нов член на Европската комисија, Илијана Иванова денеска ќе ја презентира својата програма за работа и ќе одговара на прашања на членовите на комитетите за индустрија, истражување и енергетика и за култура и образование на Европарламентот, кои потоа треба да проценат дали е компетентна и соодветна за извршување на функцијата еврокомесар. 

Иванова е номинирана за еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади на местото на Марија Габриел, која во мај годинава се повлече од Европската комисија за да ја преземе должноста вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија. 

Иванова во моментов е член на Европскиот ревизорски суд, функција на која се наоѓа од јануари 2013 година. За време на нејзиниот ангажман во европската ревизорска куќа, Иванова била известувач за 27 ревизорски извештаи за повеќе прашања, меѓу кои и за регионалниот развој, невработеноста кај младите, европска дигитална агенда и иновации, образованието, како и за инструментите за одговорот на ЕУ на корона кризата. 

Пред да стане европски ревизор, Иванова од 2009 до 2012 година беше членка на Европскиот парламент избрана како кандидат на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Како европратеничка Иванова беше потпретседателка на Комитетот за буџетска контрола, на Специјалната комисија за економска, финансиска и социјална криза и на Парламентарната делегација за соработка ЕУ-Кина, како и членка на Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите. 

Од 2007 до 2009 таа била членка на Градскиот совет на Софија. Од 2004 до 2006 година е ангажирана како инвестициски и деловен аналитичар во неколку финансиски и банкарски институции во САД, а пред тоа била координаторка за односи со меѓународните финансиски институции во бугарското Министерство за земјоделство, храна и шумарство. 

Иванова дипломирала на Економскиот универзитет во Варна во 1998 година, каде што една година подоцна се стекнува со звањето магистер по меѓународни економски односи, а во 2004 година завршува и магистратура по глобален менаџмент во американската сојузна држава Аризона. Зборува бугарски, англиски, француски, германски и руски јазик. 

Во јуни годинава бугарската Влада ги номинираше Иванова и Даниел Лорер како потенцијални наследници на Габриел како еврокомесар од Бугарија, по што кон крајот на месецот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен реши на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ да им предложи да ја назначат Иванова за еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади. сп/ссм/

Фото: Европски парламент

Остани поврзан