• вторник, 05 ноември 2024

Сослушани сведоци од генералниот секретаријат на Владата за случајот „Софтвери“, судењето продолжува на 9 февруари

Сослушани сведоци од генералниот секретаријат на Владата за случајот „Софтвери“, судењето продолжува на 9 февруари

Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Во Основниот кривичен суд Скопје, на предлог на одбраната, денеска беа сослушани сведоци, вработени во генералниот секретаријат на Владата во врска со случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Сослушани беа сведоците Зорица Стојановиќ, Агим Махмути и Мирче Јанев.

Обвинетиот Драги Рашковски преку директно испрашување постави прашања во врска со конкретни докази, дописи и одговори од Владата, во насока на тоа дали сведоците се изготвувачи на истите.

Доказите се однесуваа на тоа дека, како што тврди одбраната, документите кои се однесуваат на јавната набавка, се транспарентно евидентирани во основните средства во Владата.

Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева. Судењето продолжува на 9 февруари со сведочење на вешти лица. ар/лв/

Остани поврзан