• понеделник, 25 ноември 2024

Солун и Измир се поврзуваат со бродска линија

Солун и Измир се поврзуваат со бродска линија
Атина, 10 октомври 2022 (МИА) – Грчкиот град Солун и турскиот град Измир од денеска ќе се поврзат со бродска линија, преку траектот „Smyrna di Levante“, со кој управува приватната компанија „Levante Ferries“, јави дописничката на МИА од Атина. Траектот ќе сообраќа три пати седмично од Солун, во понеделник, среда и петок, а од Измир ќе поаѓа во вторник, четврток и недела, додека пак патувањето ќе трае 14 часа. Тракетот „Smyrna di Levante“, со должина од 158 метри е со капацитет да прими 948 патници, 1.000 камиони и 300 автомобили, а за патниците располага со различни типови на кабини, како и обични седишта. Според грчките медиуми, станува збор за проект за кој веќе 20 години се разговарало, а дури сега се реализира. Од компанијата соопштија дека по „темелно и долгорочно планирање, со трпение и упорност, со разговори и соработки, со волја и страст, се реализира големата визија, односно бродско поврзување на Солун и Измир, со што се исполнува силната и безвремена желба на двата народи“. Додаваат дека траектот создава мост на комуникација меѓу соседните земји, а компанијата „не само што се стреми кон промоција на заедничките трговски интереси на Грција и Турција, туку и да ги зајакне односите на двете земји и да го истакне сето она што ги обединува“. -Но, ова поврзување не само што ја поврзува Грција со Турција, туку ја поврзува и Европа со Азија. Ќе им служи на патниците и товарот кон Европа, Балканот и обратно. Многу камиони преку нашиот траект ќе можат лесно и удобно да стигнат до Бари и Анкона, со само еден билет. Туристичкиот сообраќај од двете страни ќе стигнува до дестинации кои во моментов се целосно оддалечени и непристапни, соопштија од компанијата. Извршниот директор на „Levante Ferries“ Ефстратиос Апергис за грчката новинска агенција АНА-МПА објасни дека денешното патување повеќе ќе има информативен карактер, односно за утврдување дека функционираат сите неопходни  процеси, како што е пасошката контрола и царинските процедури, додека пак в среда ќе започне регуларниот комерцијален сообраќај. ср/сд/

Остани поврзан