• понеделник, 23 декември 2024

Советот на Општина Кочани е против изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река

Советот на Општина Кочани е против изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река
Кочани, 17 март 2021 (МИА) – Советот на Општина Кочани не ја изгласа информацијата за активностите за изградба на мини хидроцентралата на Мала Река кај браната Гратче, со оцена дека таа е закана за деградација на животната средина. Советниците истакнаа дека градењето на таков објект ќе предизвика еколошка катастрофа со исушување на речното корито, кое и онака има мал капацитет, и ќе го наруши природниот баланс. Притоа, се повикаа и на мислењата на граѓаните кои веќе се организирале на социјалните мрежи во две групи, кои веќе имаат околу седум илјади членови. - Овој проблем нема да остане вака нерешен, нема да се препуштиме на немоќта на одделни институции и на сè што досега е направено за изградба на оваа мини хидроцентрала. Нема да ја дадеме браната Гратче и животната средина во Кочани, постојат и други мерки и во наредниот период тие ќе бидат преземени од страна на љубителите на природата, истакна Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани. На седницата на општинскиот Совет беше нагласено дека постои опасност од радикализирање на барањата на граѓаните, поради што е неопходно институционално решавање на проблемот. - Сега граѓаните се бунтуваат и не се согласуваат, затоа што ги гледаат негативните последици од изградбата на мини хидроцентралата. Енергетските бенефити се минимални, а еколошката катастрофа е голема и несразмерна со тоа што ќе го претрпи природата, рече советничката Гордана Арсова. Советниците потенцираа дека треба да се одложи или да му се откаже давањето градежна дозвола на инвеститорот, при што да се искористат правните постапки што веќе се покажале успешни при негативните реакции на граѓаните за изградба на рудници во околината на Гевгелија и Валандово. - За жал, на 30 декември 2015 година Општина Кочани издала позитивно мислење за изградба на мини хидроцентралата. Затоа, општинската администрација ни должи одговор врз основа на кој проект, елаборат и јавна расправа, ако таа воопшто е одржана, го дала позитивното мислење, истакна Ѓорѓи Алексов, член на Советот. Со отфрлањето на информацијата за изградба на мини хидроцентралата, Советот на Општина Кочани даде поддршка на граѓанската иницијатива упатена до Основното јавно обвинителство за преиспитување на документација што е му е издадена на инвеститорот. Се очекува Обивнителството да да наложи привремен прекин на постапката, а потоа да се побара и одржување на јавна расправа на која граѓаните би го кажале својот став.та/фф/

Остани поврзан