• недела, 22 декември 2024

Советот на ЕУ за шест месеци ги продолжи санкциите против лица и ентитети поврзани со војната во Украина

Советот на ЕУ за шест месеци  ги продолжи санкциите против лица и ентитети поврзани со војната во Украина

Брисел, 13 март 2023 (МИА) – Советот на Европската унија денеска за уште шест месеци ја продолжи важноста на санкциите што им беа наметнати на одговорните за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.

Со одлука на Советот времетраењето на санкциите се продолжува до 15 септември 2023 година, а со овие рестриктивни мерки се опфатени 1.473 лица и 205 субјекти. Санкциите за физички лица се состојат во забрана за патување во земјите на ЕУ, а другите мерки се замрзнување на имотот на територијата на ЕУ и забрана за давање пристап до средства и други економски ресурси на лица и субјекти од казнената листа, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

По 24 февруари 2022 година, кога почна руската инвазија взр Украина, ЕУ драстично ги прошири постојните санкции против Русија со цел значително да ја ослабне економската база на земјата, да ја лиши од пристапот до критичните технологии и пазари и значително да ја намали нејзината способност да ја води војната.

Советот на ЕУ оцени дека руската агресија против Украина претставува „флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации“ и дека предизвика „огромно страдање и уништување“ на Украина и нејзиниот народ.

„Русија мора веднаш да ја прекине својата ужаснувачка војна“, се додава во соопштението на Советот на ЕУ. сд/

 

Остани поврзан