Советот на Град Скопје ја изгласа Одлуката за утврдување на надоместок за приватните превозници по остварен километар
- Со 28 гласа „за“, ниту еден против и еден воздржан, советниците на Град Скопје доцна вечерва ја изгласаа Одлуката Одлуката за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот - остварен километар.
Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Со 28 гласа „за“, ниту еден „против“ и еден „воздржан“, советниците на Град Скопје доцна вечерва ја изгласаа Одлуката за утврдување на вредност на надомест за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот - остварен километар.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески на почетокот ја истакна целата хронологија на случувањата по ова прашање и за одржаната 16-та вонредна седница на Советот каде се расправаше.
-По иницијатива на член на Советот одржавме16-та вонредна седница каде што по неколкучасовна расправа беше предложен заклучок кој тука беше изгласан со мнозинство од присутните. Со оглед на тоа што службите на Град Скопје, односно Секторот за поддршка на Советот не го изготви или не го даде заклучокот за да го проследам до градоначалникот. Заклучокот беше подготвен и проследен до градоначалникот. Градоначалникот по закон има обврска во рок од седум дена да го објави прописот, во овој случај заклучок или ако не го објавува да даде образложение зошто не го објавува. Тоа не е направено. Поради тоа, јас како претседател на Совет поднесов претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа и тие извршија надзор, изготви записник во кој беа констатирани неправилности во работата на администрацијата на Град Скопје од аспект на бојкот за неброење на гласовите, неизготвување на прописи и итн. И вчера на 23 декември претходеше записник, донесено е решение од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа со кое што се изрекува мерка опомена на градоначалник на Град Скопје Данела Арсовска. Опомената се изрекува токму поради непостапување за необјавување на пропис во Службен весник, во овој случај заклучокот во дадениот рок и недавање образложение зошто тоа не е направено, рече Славески.
Цветанка Соколова Младеновска, раководител на сектор во Град Скопје нагласи дека по однос на поднесената иницијатива и дневниот ред на вонредната седница, раководителите на секторите реагирале уште истиот ден и доставиле известување до претседателот на Советот со кое што укажале дека нема да изработат документ спротивно на законските прописи, со оглед на тоа што, како што рече, заклучокот кој бил предложен не бил донесен од страна на советниците.
- За таа цел беше доставена и претставка до Инспекторатот за локална самоуправа. Пред да дојде на надзор Инспекторатот, од страна на претседателот на Советот беше изготвен записник, односно заклучок кој беше доставен до градоначалник на Град Скопје. По однос на заклучокот, градоначалникот достави известување во кое што укажа дека самиот документ кој е насловен како заклучок не е изработен од страна на стручните служби во градската администрација, кој што не само согласно Деловникот туку и согласно одлуката за внатрешна организација се единствено одговорни и надлежни за изготвување на вакви акти пред други акти во надлежност на Советот. Така, изготвениот записник од седницата беше доставен до претседателот на Совет кој изврши своевидна корекција надвор од деловнички пропишаната постапка за изготвување на записник и доставување до советниците, рече Младеновска.фф/лв/
Фото: МИА Архива