• петок, 22 ноември 2024

Советот на Град Скопје усвои 19 препораки за заштита на квалитетот на воздухот

Советот на Град Скопје усвои 19 препораки за заштита на квалитетот на воздухот

Скопје, 18 јули 2024
 
На 50-тата седница на Советот на Град Скопје од страна Зелен Хуман Град беа доставени 19 препораки за намалување на аерозагадувањето во Скопје. Тие препораки доаѓаат од првото Граѓанското климатско собрание на Скопје, каде 65 случајно одбрани скопјани заседаваа на шест интензивни седници во рамки на Граѓанското климатското собрание на Скопје. Преку опсежни анализи и соработка со експерти, граѓаните изработија прецизен сет препораки насочени кон намалување на стапките на загаденоста на воздухот во Скопје, и кон централната и кон локалната власт.
 
Предлозите опфаќаат низа мерки, како што се редовна хигиена на улиците, зголемување на урбаното зеленило, подобрување и планско проширување на постоечката велосипедска инфраструктура, како и нормирање на истата, зголемување на бројот на контејнери за селекција на отпад, воспоставување на 24 часовен автоматски, јавно достапен мониторинг систем врз сите емисиони точки во воздухот, промена на сообраќајниот режим низ централното градско подрачје, интегрирање на железничкиот сообраќај во јавниот превоз, транзиција кон енергетска ефикасност за сите јавни објекти и други комплементарни мерки. Реализација на овој сет на мерки е возможна од 6 месеци од денот на усвојување како краткорочни мерки, па сѐ до 6 години како долгорочно решение за еден од најгорливите проблеми на скопје. Граѓанското собрание беше организирано од страна на ЗИП Инситутот, и претставува вистински пример за директна демократија каде експерти, граѓани и избраници на позиции заедно работат кон општо добро.
 
Иницијативата до Советот на Град Скопје беше поднесена од страна на советниците на Зелен хуман град, Драгана Велковска и Горјан Јовановски. Во своето излагање пред Советот, советникот и еко-активист Горјан Јовановски ја истакна неопходноста за итно преземање на конкретни чекори и потребата за инкорпорирање на овие предлози во програмата за заштита на животната средина на Град Скопје која нема никаква вистинска мерка за борба против аерозагадувањето.

- Проблемот со аерозагадувањето предолго се игнорира, а тоа кошта човечки животи. Според последните бројки на ЕУ, во Македонија над 5000 граѓани годшно предвремено умираат како последница на аерозагадувањето. Затоа, од исклучителна важност е да се најде функционален модел за меѓуинституционална соработка и да се издвојат средства за оваа намена, без понатамошни одложувања и изговори. Ова не е прв пат да се поднесуваат предлози, истото се прави со години, но сега тие доаѓаат директно од граѓаните, и сите оние кои ќе решат да не ги поддржат ќе одговараат пред нив, вели Јовановски.
 
Да не зборуваме уште една зима за последиците од аерозагадувањето, туку да дејствуваме!

 

Активисти на Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД

 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.


 

Остани поврзан