• среда, 04 февруари 2026

Собраниска делегација на зимската пленарна сесија на ПССЕ во Стразбур

Собраниска делегација на зимската пленарна сесија на ПССЕ во Стразбур

Скопје, 28 јануари 2026 (МИА) - На зимската пленарна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што се одржува во Стразбур од 26 до 30 јануари, учествува делегација на Собранието, во состав Иванка Василевска, заменик-шеф, и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.

На почетокот на сесијата, како што соопшти собраниската прес-служба, пратениците ја избраа австриската пратеничка Петра Баер за нова претседателка на Парламентарното собрание со мандат од една година и со можност за реизбор за уште една година.

Во рамките на пленарните активности утре на дневен ред е нацрт-резолуцијата подготвена од мониторинг комисијата, која се однесува на постмониторинг-дијалогот со Република Северна Македонија.

Темите за кои ќе се дебатира во текот на работната недела опфаќаат поддршка кон заложбите за сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и безбедност на европскиот континент, потребата од забрана за практики на конверзија, за избори во време на криза, а како итни теми на почетокот на сесијата беа изгласани политичката криза на поширокиот регион на Блискиот Исток и потребата од заштита на човековите права и правата на сите малцински групи, како и одбележување на 65-годишнината од Европската социјална повелба. Делот за актуелни теми вклучува заштита на системот на меѓународна правда и обезбедување одговорност, хуманитарна заштита и почитување на меѓународното право во Газа и на Западниот Брег по прекинот на огнот.

На сесијата, како што се посочува во соопштението, во име на ротирачкото претседателство со Комитетот на министрите, обраќање имаше претседателката на Молдавија, Маја Санду, а пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска по обраќањето нагласи дека Молдавија под лидерство на Санду стана пример за отпорност во борбата против странски влијанија и мешање, со надеж дека Молдавија, како претседавач со комитетот на министри, ќе успее ова прашање да го канализира и регулира.

- Пратеничката Иванка Василевска учествуваше на состанокот на Women@PACE, неформална група на жени членки на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која служи како платформа за соработка, размена на искуства и меѓусебна поддршка меѓу жени парламентарки од разни земји и политички групи. На состанокот на Групата, која има цел да ги засили улогата и видливоста на женската перспектива во активностите на Парламентарното собрание, учесничките имаа можност да разменат мислења со претседателката на Молдавија, Маја Санду - се наведува во соопштението.

Во име на групата на социјалистите, демократите и зелените, пратеничката Костадиновска-Стојчевска се обрати на темата за избори во време на кризи. Таа истакна дека слободните избори се темел на демократијата, но се сè поранливи на дезинформации и технолошка манипулација. Додаде дека примерот на Молдавија покажува дека отпорноста е можна со силно лидерство и соработка. На крајот, заклучи дека зајакнувањето на општествената отпорност бара нови правила, практики и соработка меѓу државата, граѓанското општество и институциите, со цел да се заштити демократијата и да се обнови довербата на граѓаните.

Костадиновска-Стојчевска учествуваше и во дебатата за поддршка кон заложбите за сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и безбедност на европскиот континент. Таа нагласи дека во 2025 година Украина ја доживеа најсмртоносната година за цивили од 2022 година и истакна дека Русија намерно ја таргетира енергетската инфраструктура, а како последица илјадници домови останаа без струја и греење. Таа истакна и дека децата под окупација се изложени на сериозни прекршувања на човековите права, како и дека стравот од продолжување на војната и загубите остануваат. дма/паг/

Фото: Собрание

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан