• вторник, 17 декември 2024

Собраниска дебата за предлог-закони од областа на образованието

Собраниска дебата за предлог-закони од областа на образованието

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) – Собранието денеска ја заврши општата расправа по Предлог-законот за образование на возрасните, Предлог-законот за стручно образование и обука, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование и ги проследи во второ читање. Во тек е општата расправа за Предлог-законот за средно образование, со којшто се предвидува интонирање на државната химна во сите државни училишта за време на значајни настани, празници и патронати.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, образложувајќи ја потребата од носење на овие предлог закони, истакна дека сите закони на дневниот ред се од исклучителна важност за системот на образование во Македонија. 

-Ова се долгоочекувани закони и уверена сум дека секој го знае значењето и улогата на овие закони за развојот на нашата држава, рече Јаневска, истакнувајќи ја важноста од постигнување консензус во донесувањето на овие закони. 

Таа посочи дека односот кон државата се учи од најмали нозе, и ако не ги почитуваме симболите на оваа држава нема да ја чувствуваме како своја, истакнувајќи дека Македонија има свои симболи – химна, грб и знаме и секој мора да ги почитува.

Претходно, пратеникот Елми Азири од Европскиот фронт побара да се тргне од дневен ред Предлог-законот за средно образование, поради, како што кажа, сензитивноста на законот којшто ги погодува сите етнички заедници. Побара за овој Предлог-закон да се одржи јавна расправа во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, но неговиот предлог не беше прифатен.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно денеска изрази очекување дека пратениците од ДУИ ќе го поддржат Предлог-законот за средно образование, за кој на комисиска расправа во Собранието искажаа забелешки во однос на интонирањето на државната химна во училиштата и најавија амандмани. Според Јаневска, „крајно неразумно е да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години“. нд/лв/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан