Собранието ја почна расправа за предлогот за разрешување на Зендели, пратениците повторно на пауза
- По усвојувањето на дневниот ред на 64-тата седница и обраќањето на пратеникот Фадил Зендели од БЕСА, првиот пријавен за дискусија на првата точка на дневниот ред - Предлог на одлука за разреш
Скопје, 1 март 2022 (МИА) – По усвојувањето на дневниот ред на 64-тата седница и обраќањето на пратеникот Фадил Зендели од БЕСА, првиот пријавен за дискусија на првата точка на дневниот ред - Предлог на одлука за разрешување член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Собранието повторно е на едночасовна пауза.
-Денеска е долг ден полн со нервоза во салата. Обично нервозите се создаваат од иницијативи кои во суштина се деструктивни и со нив се наметнува сила од инструментите на власт, но се без правни аргументи и правни акти како што утврдува деловникот на Собранието. Мандатите се стекнуваат согласно изборите во 2020 година, а не преку движењата на пратениците кои може да ги направат лево или десно. И во минатиот состав имавме осум пратеници кои во тоа време излегоа од ВМРО-ДПМНЕ, но во никој момент не се постави прашањето за комисиите зашто беше во интерес на мнозинството, рече Зендели во обраќањето.
Тој нагласи дека и претседателот на Собранието Талат Џафери на една телевизија јасно кажал дека нема основ разрешувањето од Комисијата да се случи на пленарна седница.
-Зошто сега има различна позиција и прв е потпишан на иницијативата за оваа точка да биде на дневниот ред? Позициите се едно, но не можеме да ги смениме правните одредби и деловникот. Ние денеска не го почитуваме деловникот и ова е преседан зашто отворено се прекршува деловникот. Дали имаше седница или иницијатива да се свика седница на Комисијата за избори и именувања. Немаше седница за да видиме дали има блокада на оваа комисија, дали има опструкции и дали некој ја попречува работата. Едноставно се наметнува волјата дека треба да се смени член на Комисијата. Сите знаете дека ова е спротивно на Деловникот и оти се прекршува Деловникот и членот 108. Позицијата на пратеникот се утврдува врз основа на изборите, а не врз основа на политичките пазарења. Денеска го отворате патот за преседани и прекршувања кои ќе бидат потоа нормални во Собранието. Денеска вие наметнувате сила утре некој друг тоа ќе го прави во Собранието, рече Зендели
Согласно деловникот, потенцира, поднесовме амандмани и треба да се разгледаат.
Снежана Калеска Ванчева од СДСМ во реплика посочи дека волјата на граѓаните треба соодветно да биде пресликана и на работните тела и не смее да се наруши соодносот.
Исто така, во реплика Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека на власта и се изместени математиките, од кои, како што рече, им зависат утре тендерите. -Затоа им треба да ги постават нивните луѓе во Уставен суд и во другите институции, рече Мицевски.
Зендели во контра реплика посочи дека и во минатиот мандат мнозинството во оваа Комисија го имаше опозицијата но работите одеа. -Кога сме избрани како пратеници сме пратеници без разлика дали сме опозиција или власт. Подоцнежните придвижувања се друго прашање, рече Зендели.
Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ ја повика власта, како што рече, „да не се повикува на волјата на народот ако не е пресликана секаде“.
Претходно веднаш по донесувањето на дневниот ред во процедурална забелешка координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да му објасни што се случува со амандманите што ги поднеле за точката на дневен ред и додаде дека тоа може да го направат согласно член 118 од Деловникот.
-Доколку ги отфрлите амандманите не знам кој збор да го употребам за она што го правите во Собранието, рече Мицевски.
Џафери на тоа му одговори дека е несоодветно повикувањето од причина што на дневен ред има предлог одлука за разрешување член на Комисијата за избори и именувања.
- Член 118 став 5 пет се однесува на пропорционалниот однос на телата и треба да биде соодветен на составот во Собранието. Вие имате пет члена и никој не ви ги оспорува на СДСМ им припаѓаат исто како и вам пет да се од СДСМ и коалицијата, на ДУИ двајца членови и според изборните резултати на Алијанса и Алтернатива и припаѓа еден. Со промена на статусот од 13 декември кога беше речено дека двајца пратеници од БЕСА ќе припаѓаат кон опозицијата, Фадил Зендели поднесе оставка на функцијата потпретседател на Собранието. По таа аналогија местото кое му припаѓа на СДСМ не може сега да го држи пратеник од опозицијата, рече Џафери.
Пратеникот од БЕСА Зендели, пак, посочи дека поделбата на мандатите и соодносот се прави по изборите откако се прави верификација во Собранието и се создаваат комисиите.
-Како БЕСА имавме пет пратеници сега сме двајца што се случи. Еден пратеник доби мандат во Тетово и зошто не го добивме тој мандат од поранешната коалиција зошто го земаа тие и не ни го дадоа нас. Поделбата се прави согласно изборните резултати, а не согласно понатамошните движења на пратениците, посочи Зендели.
Порача дека поднеле амандмани и оти очекуваат согласно Деловникот да се разгледаат во текот на точката што е на дневен ред.
-Деловникот се гази со четири нозе. Очекувам да работите согласно процедурите, а преседаните кои ги правите ќе ви се удрат од глава. Ако еднаш сте го прекршиле деловникот, а вие прв го прекршивте, секој може да го крши. Вие секојдневно го кршите деловникот и затоа ќе сносите одговорност, му рече Зендели на претседателот на Собранието.
Претседателот на Собранието, пак, му појасни дека согласно Изборниот законик на местото на пратеник кој го прекинал мандатот поради избор на друга функција доаѓа друг од заедничката листа на коалицијата.
-По Билал Касами на ред дојде пратеник од СДСМ. Ако сте имале договор во коалицијата по Билал Касами да дојде друг пратеник од БЕСА тоа треба да го регулирате на друго место, му рече Џафери.
Повторно во процедурално обраќање Мицевски го обвини Џафери дека, како што рече, ги прави збрките во Собранието.
-Има поднесено 400 амандмани не ги разгледувате и се повикувате на други точки. Точките во информаторот за дневниот ред ви се сменети има стенограми има снимки. Сега што ни го доставивте дневниот ред не е како што го изгласавме. Го направивте трафика Собранието затоа што брзавте и не го прочитавте дневниот ред како што беше изгласан. Мислите дека се ќе поминува без ред и процедура. Се случуваат вакви глупости, бидејќи не работите по Деловникот, рече Мицевски.
На тоа претседателот Џафери му одговори дека Службата згрешила при доставата и нагласи дека информаторот не е дел од дневниот ред.вј/лв/